ТЕРА

REKLAMA???

ГРАДИНКИТЕ ПОЧНАА СО РАБОТА, УЧИЛНИЦИТЕ ОСТАНАА ПРАЗНИ

Градинките почнаа со работа, а штрајкот продолжи во основното и средното образование. Сите 38 синдикални организации од Битола, Ресен и Демир Хисар едногласно се изјасниле за неприфаќање на владиниот предлог за зголемување на платите за 12 %, вели претседателот на СОНК за овај регион Тони Чавдаровски. Предлогот на владата не бил прифатлив ни за синдикаланите организации од градинките, но за тие да почнат денес со работа одлучило мнозинството на ниво на држава.

„Во нашиот регион сите 38 синдикални организации не го прифатија предлогот на владата вклучително и градинките. Вчера после одржаниот Совет на СОНК на ниво на цела држава имаше повеќе од 50% градинки кои го прифатија предлогот на Владата и затоа се одлучи денес градинките да почнат со работа, бидејќи мнозинството така одлучи. Кај нив е малку поспецифична ситуацијата, се работи за мали деца, притисокот од родителите е голем. Има родители кои стварно немаат излез, нема каде да ги носат децата, градинката мора да ги прифати, мислам дека тие се главните причини што прифатија. Иако кажуваат дека не се задоволни од предлогот, ама под притисок на родителите, соработка со родителите, мора да постапат така. Фактички кај нив не е прекинат штрајкот туку е ставен во мирување. Можат да го активираат во секое време ако Владата и тие предлози што ги даде не ги исполнат“, рече Тони Чавдаровски, претседател на СОНК за Битола, Ресен и Демир Хисар.

По одлуката на СОНК, да продолжи штрајкот, реагираше министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој нагласи дека зборот на СОНК не издржал ниту едно деноноќие и ги повика родителите од денес децата да ги носат во училиште.

„Информацијата моја од сите претседатели на синдикалните организации е дека штрајкот продолжува, немаат никакви проблеми и по тоа можам да заклучам дека нема деца во училиштата, ако имаше ќе реагираа претседателите и ќе прашуваа како ќе постапат и како ќе се одвива наставата“, рече Чавдаровски.   

Учениците немаат настава од 11 април годинава, а тоа, може да биде така додека не се договорат Владата и СОНК.

СОНК два пати одби владин предлог за зголемување на платите, бидејќи сè уште не го постигнале тоа што го бараат. Владата првично предложи зголемување на платите од 10 проценти, а потоа на 12 отсто, но СОНК бара покачување од 18,4 проценти и усогласување на останатите плати со минималната плата и ќе го продолжи штрајкот се додека не се најде компромисно решение за двете страни.