Морално и етички е целосно неприфатливо да конкурирате со приватно здружение на општински тендер за да добиете народни пари за изработка на документ кој би го користел телото со кое претседавате. Толку е едноставно. Точка. Но, наместо да покаже елементарна одговорност и да одговори на уредно доставените новинарски прашања од нашата редакција, претседателката на Советот за женско претприемништво во Битола, Моника Марковска, три дена молчеше, за потоа да одлучи да тргне во потрага по адвокат кој ќе испраќа официјални дописи и јавно ќе се заканува со судски тужби. Затоа, во овој случај, предмет на јавен интерес не се нејзините лични одлуки, туку чисто формалните и етичките аспекти од нејзиното институционално делување.
Во обидот правно да се одбрани од претходните објави, адвокатот на Марковска во официјалниот допис јасно пишува: „ВР ЛАБ доставило понуда“. Со оваа реченицапретседателката на Советот за женско претприемништво и официјално потврдува пред битолската јавност дека нејзиното приватно здружение се обидело да го земе тендерот вреден 336.300 денари, распишан токму за потребите на општинското тело со кое таа раководи. Нејзината одбрана тврди дека нема ништо спорно бидејќи здружението на крајот изгубило и парите отишле кај скопската агенција „Маркет Висион“. Ова оправдување е исто како да фатите крадец како се обидува да ја обие бравата на Вашиот стан, а тој да Ви каже: „Нема овде никаков криминал, бидејќи не успеав да ја отворам вратата и не Ви зедов ништо од дома“. Меѓутоа, од етичка гледна точка, фактот што Општината не ѝ ги дала парите не го менува нејзиниот мотив. Намерата да се конкурира за буџетски средства за документ кој самата треба да го користи, претставува класичен пример за судир на интереси, кој таа сега и писмено го потпишува преку својот правен застапник. Поради тоа, на маса останува само едно прашање: Дали Моника Марковска воопшто размислува конечно да поднесе оставка од функцијата претседател на Советот за женско претприемништво во Битола?
Вториот важен момент од нејзината одбрана се однесува на податоците од платформата „Отворени финансии“. Во демантот не се негира ниту еден единствен денар од објавените бројки. Марковска не оспорува дека Општина Битола и министерствата префрлиле над 1,5 милиони денари на сметката на нејзиното здружение. Нејзината одбрана се сведува на тврдењето дека тие пари не биле нејзин личен приход, туку биле одобрени средства за реализација на проекти. За обичните граѓани кои со мака заработуваат за егзистенција, ова објаснување е обично играње со зборови. Заради многуте случаи на злоупотреба на функцијата што досега сме ги имале во државата, јавноста веќе не верува во приказни за волонтери кои во реалноста се приклучени на дебела државна и општинска славина.
Токму затоа, оваа одбрана дека парите биле само за проекти, наместо да ги смири сомнежите, јасно покажува дека претседателката на Советот за женско претприемништво, воопшто не размислува за својата морална одговорност, со што нејзината оставка станува единствениот логичен излез од овој морален и институционален ќорсокак. Се чини дека секој ден поминат на таа позиција, носи штета по угледот на Советот во кој се вложиле и се вложуваат голем број битолчанки, без притоа преку своите приватни здруженија да бараат народни пари на општински тендери.











