ТЕРА

REKLAMA???

ДЕБАТА ВО БИТОЛА ЗА СОЦИЈАЛНИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ

„Социјалани предизвици“ беше насловот на конференцијата која што се одржа денеска во Битола, а која што беше последна од циклусот дебати организирани во рамките на француското претседателство со Советот на Европа. Експертите на конференцијата ги посочија социјалните предизвици со кои што се соочуваат граѓаните на земјите членки на ЕУ, како и тие на земјите кандидати.  

„Времето во кое живееме наметнува многу социјални предизвици, на кои сите ние, кои денес сме присутни тука, треба да одговориме со координирано делување, кое ќе создаде можности за напредок на државата, услови за нови вработувања, подобрување на статусот на работникот, создавање на соодветни услови за работодавачите кои ќе креираат нови работни места, а со тоа ќе придонесеме и кон задржување на младата работна сила во нашата држава.Ваквата тенденција, треба да придонесе за имплементација на соодветни мерки, кои поттикнуваат и стимулираат активности, наспроти пасивност и креирање на социјално зависни категории на граѓани. Улогата на социјалната политика на државата мора да биде насочена кон што поскоро излегување на работоспособните лица од категоријата на социјален ризик, како корисници на социјална помош. Зголемениот број на корисници на социјална помош пак, води кон создавање на алармантна состојба, поради што неопходно е државната политика да стимулира излегување на граѓаните на пазарот на трудот, нивно вработување, односно економско вклучување на сите кои се работоспособни, како луѓе кои ќе придонесуваат за заедницата.

Итно потребно е воспоставување на ефикасен систем за контрола и надзор, но и соодветен пристап за намалување на сиромаштијата и подобрување на економскиот статус на граѓаните.Економската криза која сите ја чувствуваме, придонесува се потешко да се живее, но преку конзистентна еконoмска политика, треба да се спречи губењето на достоинството на работникот и истиот да се мотивира за поголема продуктивност и исполнителност. Вистинското вреднување на квалитетната и квалификувана работна сила, секогаш треба да биде главната компонента на која треба да се темели работењето во секоја работна организација, затоа што во тој случај се постигнува поефикасно и ефективно работење кое носи резултати, задоволни вработени кои нема да се доведат во ситуација на социјален ризик и разочарување, а ќе се спречи и појавата на иселување во другите земји поради потреба од подобри услови за работа и повисоки плати“,рече во своето обраќање градоначалникот на Битола Тони Коњановски.

Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска ја потенцираше улогата и значењето на  социјаланиот дијалогот во едно општество.

„Телата и процесите за социјален дијалог се моќно оружје за решавање на важни економски и социјални прашања, за справување со кризи, за поттикнување на добро владеење и социјална правда, за намалување на  нееднаквоста, закрепнување на економијата  и за промовирање на економски раст.Искуствата од минатото ни покажуваат дека едностраното делување на владите води кон потешкотии во справувањето со последиците од кризите, обезбедувањето на социјална стабилност и заздравување на економијата. Социјалниот дијалог води кон меѓусебно разбирање помеѓу општествените групи кои застапуваат различни интереси, со цел да се постигне решение за проблемите од взаемен интерес, рече министерката Тренчевска.

Еден од главните приоритети на француското претседателство со Советот на Европската унија е воспоставувањето нов европски модел на раст, со цел Европа да биде голем континент  на производство, на создавање работни места, на иновации и високо технолошка извонредност.

„Војната во Украина ја покажа кревкоста на зголемено трошење и за само неколку месеци пред француското претседателство донесовме историски одлуки да се промени таа тенденција пред се во поглед на руската нафта и тоа го забележуваме, затоа што сите економии се тесно поврзани со растот и закрепнувањето. Независна економија значи силна економија“, рече Амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер.

Дебатата ја организираше Амбасадата на Франција и Францускиот Институ од Скопје , а  во соработка со Француската Алијанса и Општина Битола.