Почитувани граѓани,
Во текот на вчерашниот ден во попладневните часови, до Нашата редакција пристигна емаил од страна на спортското друштво КК Пелистер АД Битола, со прилог Барање за објавување на демант, исправка и јавно извинување во врска со Наша објава ,, Уште еден спортски скандал ,, која објава претставува само дел од Нашата истражувачка сторија, која во рамките на новинарската професија, ја обработува како тема Нашиот новинарски тим, со оглед на фактот дека ова спортско друштво е во сопственост на Граѓаните на Општина Битола, па истите несомнено е дека имаат право да бидат информирани за што се трошат нивните пари во континуитет.
Ние како сериозен медиум, односно телевизиска куќа со регионална концесија, поведени пред се од начелата на транспарентност, објективност и проверка на сите страни на темите од сториите кои ги обработуваме сега и во иднина, без никаков проблем ќе го објавиме изворно и во целост пристигнатото барање од страна на КК Пелистер АД Битола, за да Вие како јавност можете да оцените дали во истото се алудира на евентуални суптилни закани за да повеќе оваа тема не се обработува од Наша страна или пак се дадени одговори со факти и докази, како се трошат Нашите пари од Буџетот на градот Битола.
Секогаш на страната на вистината,
Искрено Ваша ТЕРА Телевизија.
Subject: ДО: ТЕРА ТВ ПРЕДМЕТ: Барање за објавување демант, исправка и јавно извинување
Date: 2026-04-05 17:18
From: KK PELISTER – Bitola <kkpelister23@gmail.com>
To: tera@tera.mk
Почитувани,
Во врска со вашата објава со наслов „Уште еден спортски скандал!“, која се однесува на КК Пелистер, сме должни јавно и недвосмислено да реагираме на начинот на кој се пласирани информациите и на наративот што го креирате пред јавноста.
Објавата е исполнета со квалификации и конструкции („скандал“, „без вработени“, „без резултати“) кои не претставуваат фактографски извештај, туку тенденциозен и сензационалистички пристап, со кој се создава искривена слика за клубот, неговото работење и неговите резултати.
Особено проблематично е што се обидувате да ја замајувате битолската и македонската јавност со тезата дека единствен мерлив успех во спортот е трофејот. Таквиот пристап е не само површен, туку и целосно спротивен на основните принципи на спортот.
Кратко ви е памтењето, или намерно се игнорираат фактите – КК Пелистер, пред
доаѓањето на оваа управа и актуелниот спонзор, беше практично избришан од
кошаркарската мапа. Денес, благодарение на истиот тој систем на управување, клубот континуирано се наоѓа во врвот на табелата и е редовен конкурент за највисок пласман и борба за трофеи.
Во таа насока, инсистирањето на формулацијата „без трофеи“ како доказ за неуспех е крајно неосновано и популистичко, особено ако се има предвид дека во секое натпреварување трофеј освојува само еден клуб, додека сите останати се оценуваат според континуитет, резултати, стабилност и развој.
Дополнително, формулацијата „без вработени“ претставува грубо извадена од контекст и манипулативна интерпретација, имајќи предвид дека спортските клубови функционираат врз основа на договорни ангажмани, а не класични работни односи, што е општо
познато и лесно проверливо.
Доколку постојат прашања поврзани со транспарентноста, тие треба да се поставуваат аргументирано, со факти, споредбени анализи и професионален пристап, а не преку сензационалистички нарачани конструкции и квалификации кои очигледно имаат за цел да создадат негативна перцепција кај јавноста.
Ваквиот начин на известување остава впечаток дека не станува збор за објективно информирање, туку за наратив кој оди во насока на намерна, веројатно нарачана, дискредитација на клубот, неговото раководство и неговите партнери.
Во согласност со законските и етичките стандарди за информирање, бараме овој
демант да биде објавен во целост и без измени, на истото место и со исто
значење како и спорната објава.
Воедно, имајќи ја предвид тежината на изнесените квалификации и нивното
влијание врз угледот на клубот и партнерите на клубот, очекуваме и јавно
извинување за пласираните информации и начинот на нивно претставување.
Доколку демантот и извинувањето не бидат објавени во разумен рок, ќе
бидеме принудени да ги разгледаме сите понатамошни можности за заштита на
угледот и интегритетот пред надлежните институции.
Со почит,














