ТЕРА

REKLAMA???

ДЕНЕСКА Е ПРОЧКА

Прочка е денот пред започнувањето на Велигденскиот пост. Црквата го поставила како силен потсетник на духовниот карактер на постот. Постењето треба да започне со проштевањето и со покајанието, инаку значи дека не ни започнало или започнало само формално.

Целта и смислата на празникот е да го истакне проштевањето како дело на љубовта, а љубовта е основа на христијанското живеење. Проштевањето е резулататот на љубовта.

Прочка е празник колку на проштевањето, толку и на покајанието. А покајанието и проштевањето се почеток на Евангелието. Таков е почеток на христијанското живеење. Првите зборови на Господ Исус Христос биле повик на покајание, проштевање и љубов.

Во овој ден правиме спомен на паѓањето на првосоздадениот Адам од рајската храна, што божествените отци наши го определија пред почетокот на светата Четириесетница, за да покажат со тоа колку на човековата природа и е потребен постот како средство за лекување, а колку е гнасно лакомството и непослушноста.

Со примерот на Адам Светите Отци сакаат и нам да ни покажат колку се кобни последиците од невоздржаноста и непослушноста. Адам, јадејќи од забранетиот плод, мислеше дека ќе стане бог. Но, не само што не стана тоа, туку и смртта си ја навлече, а и пропаст на целиот род.

И токму поради јадењето на првиот Адам, Господ постеше четириесет денови и беше послушен, и токму поради тоа и сегашниов пост е предложен од светите апостоли, па запазувајќи го она што Адам не го запази, преку постот повторно да ја стекнеме нераспадливоста што тој ја загуби.

Впрочем, како што веќе рековме, целта на светите е за малку време да ги придобиеме делата Божји од почетокот до крајот и бидејќи сите ние еднакво ја делиме одговорноста на престапот Адамов и неговиот пад, од таа причина отците предложиле, сеќавајќи се на него, да го одбегнуваме неговиот пример, наместо да ја подражаваме неговата невоздржливост.

На Прочка, според традицијата, помладиот бара прошка од постариот и му вели: „Прости ми“, а тој одговара: „Простено да ти е од мене и од Бога“. Така прави секој кон секого, и машко и женско, помладиот кон постариот, но и постариот кон помладиот.

За Прочка се прави заедничка вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца за децата, што претставува детска радост и добро расположение. А вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце. Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено – велигденско, на Велигден.

Утредента, првиот ден по Прочка е чист понеделник кога постот веќе започнал. Тоа е првиот ден од големиот Велигденски пост. Чист понеделник е така именуван затоа што започнува нешето очистување со постот – духовно и телесно.