После 50 години зборување и најави започнуваме со реални работи на терен за изградба на автопатот Гостивар-Букојчани, најтешката траса од автoпатскиот коридор 8 на запад, истакана заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски при увид во градежните работи на изградба на автопатот Гостивар-Букојчани.

“Навистина мислам дека имаме историски ден. Се работи за почетокот на автопатска делница од Гостивар до Букојчани и Кичево нешто за што се зборува преку 50 години, практично решавање на најтешкиот дел од она што треба да е автопат Скопје – Кичево – Струга – Охрид, коридорот 8 познатата Стража. Така што, првпат по 50 години почнуваат реални работи за изградба на овој автопат којшто ќе значи дека помеѓу главниот град на нашата држава и Охрид и Струга ќе се патува за некаде час и двесет минути, час и половина. Целосно ќе го промени ова функционирање на економијата, но исто така ќе го промени и туризмот, а ќе се забрза и економскиот раст. Ова ќе значи голема поврзаност за сите. Сакам да се заблагодарам за одличната работа на сите кои се вклучени во проектот, за поддршката која премиерот Мицкоски лично ја дава со тоа што го следи проектот на лична основа. Сакам да најавам уште многу добри вести во деновите коишто доаѓаат. Ние решивме да работиме, а не да бараме изговори и во деновите кои доаѓаат ќе има уште добри вести, а во годините пред нас ќе има многу нови реализирани проекти и во делот на автопати, и во делот на експресни патишта и во делот на железница”- изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.

Заменик претседателот Николоски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, потпретседателот Изет Меџити, директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски и амбасадорката на САД, Ангела Агелер, денеска извршија обиколка на градежните активности за изгрaдба на автопатот Гостивар-Букојчани.
Во своето обраќање премиерот Мицкоски истакна дека ова е вистинкиот начин како се работи на терен, бидејќи после 2 години ветувања и најави, автопатот сега започнува реално да се гради. Тој потенцираше дека Македонија сака да ја види како главна транспортна, железничка и гасоводна крстосница во регионот. В сабота ќе одат и на автопатот Прилеп-Битола.
„Денеска за нас ова претставува значаен момент бидејќи после две години, буквално после две години, ветувања и празни муабети денеска конечно може да се види нешто коешто треба да претставува дел од оној сон којшто го имаме како Влада, а тоа е како нашата земја да биде држава домаќин на три раскрсници. А тоа е раскрсница транспортна, железничка и енергетска. Тоа е нашиот сон. Тоа е мојот личен сон и ќе сторам сѐ како претседател на Владата да стане и реалност. Ние сме земја којашто за жал не излегува на море и тоа некој може да го смета како недостаток, но ние треба да сме умни и тој недостаток да го направиме во наша предност, бидејќи сме природна крстосница на два многу значајни коридори, Коридорот 8 и Коридорот 10.
Денеска сме овде на едно место коешто претставува дел од Коридорот 8, а во сабота, од тоа што до сега го разгледувавме со одговорните лица од компанијата „Бехтел”, односно конзорциумот „Бехтел и Енка”, ќе го посетиме и другото место каде што се гради, а тоа е делницата помеѓу Прилеп и Битола.
Тоа е она коешто треба да претставува наш приоритет, а од работата изминативе четири месеци како Влада и три месеци како раководство во ЈПДП, можеме да забележиме дека се направено двојно, тројно повеќе работи споредено со две години претходно. И тоа се гледа. И сега веќе ова не е магија, не е илузија, ова е вистина. Ги гледаме работите на терен како се работат“ рече Мицкоски.

Директорот на ЈП за джавни патишта Коце Трјановски истакна дека забрзани се сите постапки за изградба и најави дека се очекува до Нова година комплетно да се заврши процесот на експропријација.













