На сцената на Македонската опера и балет беше изведено ремек-делото „Боеми“ од Џакомо Пучини. Со изведбата на оваа оперска претстава диригентката Бисера Чадловска одбележа 20 години уметничка дејност. Таа важи како еден од најплодните македонски оперски и балетски диригенти, со завидна бројка од над 50 оперски и балетски наслови во текот на нејзиното 20-годишно работење како прв диригент во Македонската опера и балет.
„Музиката е неисцрпен извор на убавина, а една од моите желби секогаш беше да ја диригирам операта „Боеми“, истакнува диригентката Чадловска. Операта беше во режија на Дејан Прошев, сценографијата е на Зоран Николовски, костимограф е Марија Пупучевска, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска.

Во „Боеми“ настапуваат Ѓорѓи Цуцковски, Сандра Митровска, Марјан Јованоски, Драган Ампов, Александар Стефаноски, Наде Талевска, Невен Силјановски, Борко Биџовски, Јане Дунимаглоски, Александар Никодиновски, Диме Петров, хорот и оркестарот на Македонската опера и балет.
Чадловска по завршувањето на студиите почнува да работи како хор-мајстор во Македонската опера и балет. Набрзо почнува да напредува и да асистира во подготовките на сите нови премиери на сцената на МОБ. По неколку години работа како хор-мајстор и асистент диригент, ја добива својата прва премиера “Таен брак” од Доменико Чимароза, со која се отвори Скопското лето во 2005 година. Како резултат на работата на оваа опера, добива стипендија од фондацијата CEE Eastern Musiktheater, со што и се овозможува посета на семинари и настап со оперскиот оркестар од Темишвар, Романија. Потоа се редат голем број на претстави од репертоарот на МОБ. Се докажува како оперски и балетски диригент и денес го диригира скоро целокупниот репертоар на сцената на МОБ. На сцената на МНТ како диригент го поставува првиот лиценциран мјузикл во Македонија “Чикаго”. Добитник е на наградата “Георги Божиков” за 2015 година за континуирана изведба на дела од македонски композитори.












