Во Судан стапи на сила 72-часовно примирје, по неколку дена жестоки борби помеѓу двете завојувани војски, што предизвика евакуација на странските дипломати од земјата. Ова е трет прогласен прекин на насилствата.
Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, синоќа рече дека по 48-часовни преговори бил постигнат договор за тридневно примирје помеѓу регуларната војска на Судан и паравоените Сили за брза поддршка (РСФ), кои се борат за превласт.
Според информациите од медиумите најмалку 400 луѓе загинаа од ненадејниот почеток на борбите на 15 април.
Израел понуди да биде домаќин на преговорите за прекин на огнот меѓу завојуваните судански лидери.
„Откако избувнаа борбите, Израел работи преку различни канали за да постигне примирје, а напредокот во разговорите со страните во последните денови беше доста охрабрувачки“, изјави министерот за надворешни работи Ели Коен.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутерес, изјави дека насилството во Судан може да предизвика катастрофален пожар, кој би можел да го зафати целиот регион, па и пошироко.












