ТЕРА

REKLAMA???

ЕВРОПСКА ПРЕМИЕРА НА „КАЈМАК“ ВО ПОРТУГАЛИЈА И БЕЛГРАД

Филмот „Кајмак“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски ќе има европска фестивалска премиера во иста недела на два реномирани фестивали. Филмот на 2. март ќе има премиера како еден од деветте филмови во главната конкуренција на 43. издание на Меѓународниот филмски фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија. Во исто време, „Кајмак“ е во главната програма и на 51. издание на легендарниот ФЕСТ во Белград, еден од најважните филмски настани во регионов. По првата проекција на филмот на 3 март, предвидени се уште две – на 4 и на 5 март.

Минатата година филмот се прикажа во кината низ 30 градови во земјава, што беше настан без преседан во македонската киноприкажувачка дејност последнава деценија. Досега Манчевски беше три пати лауреат на Фантаспорто: во 2020 година, „Врба“ ја освои наградата „Мануел де Оливеира“ за Најдобар филм во програмата Недела на режисерите. Во 2017, неговиот филм снимен во Њујорк, „Бикини Мун“ ја освои Специјалната награда на жирито во истата програма Недела на режисерите, а во 2016 година Манчевски доби Награда за кариера при што имаше и ретроспектива на неговите филмови во Порто.

Филмот „Мајки“, во 2011 година ја освои специјална награда на жирито „Небојша Ѓукелиќ“ на ФЕСТ, а во 2020 „Врба“ беше прикажан во главната конкуренција, проследен со огромен интерес кај публиката. Со долготраен аплауз и стоечки овации заврши проекцијата на филмот на која тогаш присуствуваа и режисерот Манчевски и главните актери. „Кајмак“ е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж. Главните улоги ги толкуваат Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциноски, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Директор на фотографија е Улрик Боел Бенцен, дизајнер на продукција Дејвид Манс, монтажер Емил Нунинга. Продуцент е Јане Ќортошев, а извршен продуцент Иан Прајор.

Филмот ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио во ноември 2022 година.