Откако жителите на потпелистерските села Трново и Магарево се обратија до ТВ Тера поради проблеми со напојувањето со електрична енергија, за истото се обративме до ЕВН. Месното население од Трново и Магарево наведува дека прекините се чести, понекогаш краткотрајни и во повеќе интервали во текот на денот, а понекогаш долготрајни, оставајќи ги домаќинствата без струја со часови.
Во својот одговор до ТВ Тера од ЕВН тврдат дека во селата Трново и Магарево не се регистрирани зачестени и долготрајни прекини во снабдувањето со електрична енергија, а кои се должат на дефекти. Велат дека реонот се напојува од 35/10 кВ трафостаницата „Сапунчица“.
„Во последниот период се реализира значаен проект за реконструкција и модернизирање на мрежата, во кој е опфатен токму оваа трафостаница. За да се реализираат работните активности во рамки на проектот мора да обезбеди безнапонска состојба, познати во јавноста како „Планирани прекини“. Важно е да се потенцира дека согласно стандардните процедури применливи низ целата држава, сите планирани прекини се најавуваат благовремено со цел да се информираат сите засегнати страни.“-велат од ЕВН.
Ги прашавме и дали досега е направена техничка проверка или анализа на електродистрибутивната мрежа во Трново и Магарево и што покажала таа проверка. На ова прашање посочуваат дека како и на целата територија на државата, така и во селата Трново и Магарево редовно се спроведуваат годишни технички инспекции и проверки на мрежата.
„При последните контроли заменети се дотраени столбови, јаже и самоносив кабел. Дополнително е направено расчистување и кастрење на вегетацијата. Проверени се 10/0,4 кВ трафостаници и нисконапонската мрежа.“-велат од ЕВН.
Жителите од овој регион сведочат дека ситуацијата е особено тешка во зимските месеци, кога прекините значат студени домови, неможност за греење, како и дополнителни трошоци за алтернативни извори на енергија. Дополнителен проблем претставуваат ненадејните падови и враќања на напонот, кои предизвикуваат сериозни дефекти на електричните уреди во домовите.
На прашањето како ЕВН ќе ги обештети жителите за материјалната штета настаната врз нивните електрични уреди како последица на ненадејните прекини и осцилации на напонот, одговараат: „Секој корисник кој смета дека претрпел штета поради настанат дефект, треба да поднесе Барање за обесштетување во Корисничкиот енерго центар на Електродистрибуција во Битола. Доколку по вина на Електродистрибуција настане штета на внатрешната инсталација или уреди на корисниците, ќе се постапи согласно Правилата за надомест на штета донесени од РКЕ и Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија. Доколку се исполнети условите ќе се пристапи кон надомест на штета.“
Исто така, ТВ Тера упати прашање кои се минималните стандарди за квалитет на снабдување со електрична енергија, и дали во случајот на Трново и Магарево тие стандарди се исполнети?
На ова прашање од ЕВН одговорија дека стандардите за квалитет се дефинирани во Мрежните правила и Правила за снабдување со електрична енергија на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. Во Трново и Магарево се следат истите стандарди што важат на национално ниво. Велат дека планираните и навремено најавени исклучувања, кои се резултат на тековните реконструктивни работи, се категорија што е дозволена со регулативата и не претставува прекршување на утврдените стандарди за квалитет.
ЖИТЕЛИ НА ТРНОВО И МАГАРЕВО СЕ ЖАЛАТ НА ПРЕКИНИ НА СТРУЈА, ОД ЕВН ВЕЛАТ НЕ Е ПОРАДИ ДЕФЕКТИ













