Со врачување на највисоките фестивалски признанија, „Златен венец“ и „Браќа Миладиновци“, и меѓународното поетско читање „Мостови“ вечерва на Мостот на поезијата во Струга заврши 65-тото издание на Струшките вечери на поезијата.
Наградата „Златен венец“ на холандската поетеса Анеке Брасинга ѝ ја врачи в.д. директорот на НУМ Струшки вечери на поезијата, Никола Кукунеш.
Претседателката на жири-комисијата за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2026 година, Наташа Аврамовска, ѝ ја додели наградата на Николина Андова Шопова за збирката „Во куќата“. Наградата се доделува за најдобра поетска книга на македонски јазик објавена меѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата.
Во рамките на фестивалската програма, на Даниел Хајндс од Обединетото Кралство му беше врачена наградата „Мостови на Струга“, што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата ја доделуваат за најдобар поет-дебитант за стихозбирката „Нови познати фрази“. Наградата „Стојан Христов“ за 2026 година, која ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и Агенцијата за иселеништво му беше доделена на Ибраим Џемаил – Скарабеус за книгата „Патешествие низ времиња“.
Уметничкиот директор на Струшките вечери на поезијата, Мите Стефоски оцени дека овогодишното издание беше успешно реализирано со околу 50 настани, богата програма и учество на значајни домашни и странски автори.
Тој ја нагласи и континуираната соработка со 35 фестивали во Европа во рамките на платформата „Версополис“, преку која се промовираат поети кои се сметаат за значајни идни гласови на европската поетска сцена. Оваа година во рамки на програмата учествуваа Ален Бешиќ од Србија и Гаја Џованоли од Италија, со тројазични избори од нивното творештво.
На 65-тото издание на Струшките вечери на поезијата, учествуваа околу 70 поети од земјава и странство. Учесниците на фестивалот од Струга уште еднаш ја испратија пораката дека поезијата е универзален јазик без граници, кој ги обединува луѓето и народите од сите страни на светот.
Манифестацијата почна во средата со традиционалното садење дрвце во Паркот на поезијата во чест на добитничката на „Златен венец“ и палење на фестивалскиот оган во Домот на поезијата.













