ТЕРА

REKLAMA???

ЗАВРШУВААТ ТЕРЕНСКИТЕ АКТИВНОСТИ НИЗ БИТОЛА ЗА ИЗГРАДБА НА ТОПЛИФИКАЦИОНАТА МРЕЖА

АД ЕСМ успешно ја привршува првата фаза од капиталниот проект за изградба на потребната инфраструктурна топлификациска мрежа на подрачјето на градот Битола. Оваа фаза, која вклучуваше интензивни теренски активности за инсталација на подземната мрежа, е од клучно значење за воведување на еколошки и ефикасен систем за греење во градот, велат од ЕСМ.

Во изминатиот период, реализацијата на проектот предизвика привремени измени во сообраќајниот режим на повеќе улици во Битола, што беше неопходно за изведување на градежните работи. Остануваат уште сосема мал број улици каде што по извршените интервенции, АД ЕСМ ги враќа јавните површини и сообраќајниците во првобитната состојба.  Со завршувањето на првата фаза, инвеститорот, АД ЕСМ, повеќе нема да има потреба од затворање на улици за инсталација на подземната мрежа, или од воведување времен режим на сообраќај.

„Завршувањето на првата фаза од овој проект е значаен чекор кон реализација на нашата визија за обезбедување на одржливо и еколошки прифатливо греење за граѓаните на Битола. Ние сме свесни за предизвиците што ги донесе реализацијата на овој проект и се заблагодаруваме на поддршката од граѓаните и локалната самоуправа. Со нормализацијата на сообраќајот, граѓаните ќе можат да се движат непречено, а ние  интензивно  продолжуваме со реализација  на следните фази од проектот“,додаваат од ЕСМ.

Во тек се подготовки  за изградба на вреловодна станица во РЕК Битола со придружни објекти и препрепумпна станица во Битола. Договорот за изведба на работите е потпишан и веќе се почнати  подготовителни теренски активности, проектирање и избор на опрема. Доколку работите се одвиваат според предвидената динамика, очекуваме прво вклучување на системот во грејна сезона 2026/2027, при што првите корисници, јавни општински установи, градинки и училишта ќе се греат на топлинска енергија, наместо преку употреба на фосилни горива.

 

Втората фаза од проектот предвидува зголемување на капацитетот на системот од 100 на 200 MWt.

Бројни се придобивките од реализацијата на овој значаен капитален проект.

  • Ефикасно, ефтино и еколошко снабдување со топлинска енергија на корисниците, наспроти зависност од скапите фосилни горива.
  • Зголемување на ефикасноста на искористување на горивото во РЕК – Битола а со тоа намалување на оперативните трошоци и влијанието врз животната средина.
  • Замена на фосилните горива, дрво или електрична енергија со чиста енергија од топловоден систем.
  • Намалување на потрошувачката на електрична енергија со заменување на електричното греење.
  • Подобрување на квалитетот на воздухот во битолското подрачје преку намалување на штетните емисии од локалните индивидуални ложишта и намалена побарувачка за интензивна емисија на електрична енергија од јаглен.
  • Намалување на климатските влијанија со намалување на емисијата на стакленички гасови од согорувањето на фосилни горива во индивидуалните ложишта, како и дополнителни деловни можности за АД ЕСМ и Градот.

Во овој проект АД ЕСМ учествува со 7% сопствени средства, додека останатите предвидени средства се обезбедени со заем од КфВ банка.