ТЕРА

REKLAMA???

Замина Столе од „Боеми“

Почина Столе од „Боеми“
( in memoriam )
Членовите на музичката група „Боеми“ соопштија дека по долго боледуавање починал нивниот колега и пријател, вокалистот на групата, меѓу битолчани познат едноставно како Столе.
Битола остана без еден од своите најпрепознатливи музички гласови, музичар кој повеќе од три децении беше неразделен дел од музичкиот живот на градот.
Тоа по што многумина ќе го паметат Столе беше неговиот специфичен, мек и топол глас, препознатлив уште по првите стихови, но и неговата прекрасна личност – искрен, скромен, ведар и секогаш насмеан човек, кој со еднаква почит им пристапуваше и на публиката и на своите колеги. Неговата човечност, непосредност и позитивна енергија оставија силен впечаток кај сите што имаа можност да го запознаат. Песната буквално беше неговиот живот. Пријателите раскажуваат дека и во најтешките моменти и последните моменти од својот живот, Столе пеел. Со својата песна ќе остане запаметен кај многу генерации битолчани, кои ако не ја прославиле матурата со Боеми, тогаш ги имале на својата свадба или друга семејна забава.
Како долгогодишен член и вокалист на битолската група „Боеми“, Столе остави длабока трага на македонската естрадна и староградска музичка сцена. Заедно со групата настапуваше на илјадници свадби, семејни веселби, концерти, фестивали и културни манифестации низ Македонија и меѓу македонската дијаспора, градејќи репутација на музичар кој секогаш пееше со срце. Групата „Боеми“, која постои повеќе од три децении, е препознатлива по негувањето на староградската, народната и забавната музика, а во својата кариера остави и авторски песни, меѓу кои и „Боемска“.
Со неговото заминување, Битола губи не само врвен музичар, туку и човек кој со својата музика беше дел од најубавите моменти во животите на многу генерации. Неговото семејство губи топол сопруг, татко и дедо. Последниве денови на Широк Сокак го сретнувавме со неговите внуки. Неговите песни, настапи и спомените што ги создаде ќе продолжат да живеат меѓу публиката која со години го следеше и го сакаше.
Опелото ќе се изврши утре, 1 август.  Одарот од 11.00ч ќе биде изложен во Црквата Св. Димитрија, а опелото ќе се изврши на светонеделските гробишта во 13.00часот.