Вчера на седница на Советот на општина Битола се најде и точката на дневен ред која гласи: Одлука за реализиција на детален урбанистички план за централно градско подрачје 3 дел БЛОК 10 и 16 плански период 2008-2013 година.
Опозицијата обвини дека без јавна расправа, општината планира да изгради катна гаража.
„Граѓаните мора да бидат консултирани за катната гаража што ДПМНЕ и Коњановски планираат да ја градат зад зградата на поранешни ЈАТ!
Не може ДПМНЕ и Коњановски на сила да ги туркаат проектите кои си ги замислиле или им ги оставил во аманет поранешниот градоначалник Владимир Талески! Потребите на сите граѓани на Битола мора да бидат приоритет за општината“ вели советникот од СДСМ, Методија Илиевски.
На ова реплицира претседателката на Совет, Габриела Илиевска која вели дека општината таму не прави катна гаража, туку го расчистува просторот, а треба да се отстранат и бесправно поставените објекти на јавна површина и тој простор да се уреди.
„Ако вие колега Илиевски ги слушавте граѓаните во изминатите четири години зошто не направивте промена на ДУП-от? Имавте централна, локална власт и апсолутно мнозинство во советот во кој можевте да го смените планот. Незнам какви писма се пуштаат дека ќе се гради катна гаража, оти за да се гради треба прво да се разговара со граѓаните, второ да се побараат сите дозволи и согласности од сите надлежни институции“ вели Илиевска.
Илиевска вели дека според актуелниот ДУП таму е предвидена изградба на катна гаража со два ката под земја и два ката над земја, но дека тоа е предвидено уште од порано, а не е нешто што сега општината го направила. И додава дека и ова е еден од начините за транспаретност, односно информирање на јавноста за состојбите.
Одлуката вчера беше изгласана со 16 гласа.












