ТЕРА

REKLAMA???

ЗЕЛЕНСКИ: СО ПУТИН МОРА ДА НАЈДЕМЕ ДОГОВОР БЕЗ УЛТИМАТУМ

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека е подготвен да разговара со рускиот претседател Владимир Путин и дека мора да најдат договор без ултиматум.

Тој за италијанската државна телевизија РАИ изјави дека Украина никогаш нема да го признае Крим како дел од Русија. „Крим секогаш имал своја автономија, имал свој парламент, но во рамките на Украина“, рече Зеленски.

Запрашан да ја коментира изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон со предупредување за понижувањето на Путин, Зеленски рече дека сака руската армија да ја напушти Украина и „нема да го чува лицето на Путин со плаќање со украинска територија“, што би било неправедно.

„Мораме да размислуваме за иднината на Русија. Јас како претседател на Украина велам дека тоа се нашите соседи. Ќе има и други претседатели и други генерации“, рече Зеленски.

Според украински информации руските сили продолжиле да ја бомбардираат челичарницата во јужниот пристанишен град  Мариупол, последното упориште на украинските борци во градот кој речиси во целост е под руска контрола по повеќе од два месеци опсада.

Официјален Киев пак соопшти дека продолжуваат разговори со Москва за планот за спасување на тешко ранетите војници од Азовстал. Потпретседателката на украинската влада, Ирина Верешчук, изјави дека и Турција се согласила да посредува во преговорите. 

Според  Верешчук, Украина претходно им дала мандат за посредување во преговорите  на претставниците на Меѓународниот комитет на Црвениот крст и на ОН.