Украинскиот претседател Володимир Зеленски се закани дека ќе ги прекине преговорите со Москва доколку руските сили ги елиминираат преостанатите украински војници заробени во Мариупол, бидејќи Москва тврди дека ја презела контролата врз опколениот и погоден пристанишен град по повеќенеделната битка.
Руското Министерство за одбрана на 16 април соопшти дека ги елеминирало украинските војници од урбаното подрачје на Мариупол и заробило неколку преостанати борци во фабриката за челик Азовстал, пренесуваат руските државни медиуми.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана како што пренесува руската новинска агенција РИА, тврди дека украинските сили изгубиле вкупно 4.000 војници за време на долгата битка за градот, која го привлече вниманието на светот поради нејзината бруталност.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ситуацијата во Мариупол е многу тешка.
„Нашите војници се блокирани, повредените се блокирани. Хуманитарна криза е … Сепак, момчињата се бранат“, изјави Зеленски
Тој рече дека разговарал со лидерите на Обединетото Кралство и Шведска за тоа како најдобро да им се помогне на оние што го бранат Мариупол и десетиците илјади цивили заробени во опколениот град.
Украинскиот претседател смета дека судбината на Мариупол може да се реши или со борби или со дипломатија.
Руското Министерство за одбрана тврди дека руските сили во Мариупол опколиле 400 странски платеници кои се борат на украинска страна, пренесува агенцијата РИА Новости.
„Најголем дел од нив се државјани на европските земји и на Канада“ изјави генерал Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана и додаде дека платениците, според меѓународното хуманитарно право, немаат заштитен статус.












