Најсреќните нации во светот воопшто не се совршени, туку се само добро организирани, сметаат експертите.
За нив вистинската среќа произлегува од чувството на сигурност, припадност и доверба-вредности што можат да се изградат и надвор од економскиот луксуз.
Финците дури осумпати по ред, според наодите на „World Happiness Report“ се прогласувани за најсреќната нација на светот.
Извештајот, што оваа организација го објави на Меѓународниот ден на среќата на ОН, се базира на анализата на тоа како жителите на над 140 земји го оценуваат квалитетот на својот живот според таканаречената Кантрилова Скала, во која со 10 се оценува некој кој моментално се чувствува дека живее најдобро можно. Според ваквото рангирање Финците се на прво место со просечен резултат од 7,74.
Зошто Финците се чувствуваат толку среќно?
Тие среќата не ја дефинираат генерално како постојана еуфорија, туку како чувство на сигурност, на извесност, на благодарност.

Силниот систем на социјална заштита на поединецот, бесплатното образование, достапното здравство и ниското ниво на корупција создаваат средина во која граѓаните знаат што да очекуваат од државата и од утрешниот ден. Тоа им е доволно да бидат среќни, задоволни од животот, без разлика што не располагаат со богатства како другите развиени држави и нации.
„Тие не се среќни и радосни по самата своја природа, не се луѓе што танцуваат на улица, но, севкупно се многу задоволни од својот живот“, вели Јан-Емануел Де Неве, професор по економија на Универзитетот во Оксфорд и уредник на Извештајот за светска среќа.
На врвот на листата и годинава повторно се најдоа нивните соседи Данци, Норвежани, Исланѓани и Швеѓани.
На листата 10 најсреќни нации меѓу другите се и Холандија и Луксембург, а како изненадување тука годинава за првпат се вбројуваат и Костарика, и Мексико, како и Израел, земјата која веќе две години води жестока војна во Газа.
Американците годинава паднаа на најниското ниво во рангирањето на 24-тото место иако САД се една од најразвиените, најбогати и технолошки најнапредни земји.
Има повеќе причини за падот на барометарот на среќата кај Американците, но, осаменоста се смета за најчеста и се зема за клучна причина. Ова особено се однесува за младите луѓе, кои изјавиле дека се почесто јадат сами, се наведува во извештајот.
„Американците под 30 години се чувствуваат помалку поддржани од пријателите и семејството, помалку слободни да донесуваат животни одлуки и помалку оптимисти во врска со нивниот животен стандард“, стои во извештајот.
Во него уште и се наведува дека одржувањето силно чувство на заедница со дела како што се редовните оброци со семејството и пријателите, на пример, ја подобрува социјалната доверба и среќата.

Тука, како најдобри примери може да се земат Мексико и Костарика, кои годинава влегоа во првите 10 за првпат во историјата на листата, пред се, заради силата на социјалните ткива во двете земји.
Најчесто користени индикатори при определување на среќата на нацијата се земаат БДП по глава на жител, социјалната поддршка, очекуваниот животен век, личната слобода, довербата во институциите и перцепцијата за корупција.
Едно прашање редовно се поставува -што навистина луѓето ги прави среќни? Најновите меѓународни анализи покажуваат дека одговорот не лежи само во парите. Најсреќните нации не се оние со најмногу луксуз, туку оние со најмалку страв од иднината.
Меѓутоа, има и размислувања дека сето ова што се зема како податоци, резултати и анализи за степенот на среќа кај нациите во светот не е поткрепено со научна и општо прифатена методологија, дека нема баланс меѓу објективните и субјективните критериуми при оценувањето.













