Првенецот на Македонскиот народен театар, Игор Џамбазов, е годинешниот добитник на наградата за животно дело „Петре Прличко“. Еден од најомилените македонски актери, кој му е внук на Прличко, зад себе има речиси петдецениска кариера во театар, филм и на телевизија.
Преку неговите остварени ликови, првенствено на сцената на Македонски народен театар и Драмски театар – Скопје се испишува и еден голем дел на историјата на театарот во периодот помеѓу 1984 и 1996 година, декада во која ги остварува некои од своите најпознати улоги и во кои своите ликови ги реализира на начини кои го вреднуваат на највисокото и најпрепознатливо ниво.

„Истото се докажува и со последните негови остварени улоги во кои е евидентно неговото стекнато искуство, актерска зрелост и изразена моќ во сигурноста на говорот и односот на сцената. Џамбазов е една од доминантните појави и опстојби на македонската актерска сцена, актер кој се разви во уметник со огромна дарба и различен репертоар. Неговиот актерски опус го разви во комплексна актерска личност која реализира карактерно моќни креации – речиси секогаш главни ликови. Со постојаноста на квалитетот на сцената, на филмското платно, на телевизискиот екран и на уште низа настани во чија реализација учествува, Џамбазов е вредносен носител на реализации преку кои тој е запаметен/се памети како човек/актер/уметник кој плени, а на сето изминато време му дава значаен белег“, велат од МНТ.

Актерот Зоран Љутков ја објави веста во која напиша:
„Нема подобар момент за да се нагласи величината на нечиј живот од оној кога личноста се радува за уште еден освоен врв. Особена чест ми претставуваше што токму денес, на промоцијата на Игор Џамбазов на „Присобрани дела“, како дел од Саемот на книга 2022, во присуство на многу колеги, на мојот пријател и колега му соопштив дека жири-комисијата одлучи тој да биде добитник на актерската награда за животно дело „Петре Прличко“.
Наградата официјално ќе му биде предадена на 19 мај, на отворањето на новоформираниот театарски фестивал во Велес. „На наше огромно задоволство добитникот на наградата за животно дело, Игор Џамбазов, како единствен наследник на животот и делото на Петре Прличко, даде дозвола тој да се преименува во „5ре“ во чест на неговиот дедо“, додаде Љутков.












