Во Ликовниот салон во ЦК. Марко Цепенков во Прилеп, беше отворена изложбата
„Белег на времето“ од Павлина Илијеска. Всушност се работи за мултимедијален настан во кој беа вклучени повеќе делови од уметноста и културата. Павлина се претставува со десетина дела, на кои ги отсликува значајните прилепски, но и македонски знаменитости, и преку нив, говори за традицијата, културата. Културологот Звонко Димоски за делата на Илијеска посочи:
„Заедничка карактеристика во делата на Илијеска е слободата, односно нејзиното интуитивно пројавување, без разлика дали сликарката ни претставува така наречени патриотски мотиви, или го допира егзистенцијалниот бит на единката“.

Историчарот на уметноста Викторија Димеска за творештвото на уметницата забалежува :
„Црпејќи инспирација од македонската традиционална музика и танц, а особено поетските стихови на Конески, уметницата ја создава композицијата насловена според истоименото оро и песна – „Тешкото“. Во подножјето на Маркови Кули претставена е група на играорци како го изведуваат орото. Со ликовната интерпретација на стиховите: „…сè сенка до сенка, сè еден до друг – во бескрајно оро син оди по татка, по деда си – внук.“, композицијата преминува во метафора за: мачниот опстанок и борба на македонскиот народ, стремежот за ослободување и сопствен напредок, непоколебливата волја за надминување на историските неприлики, истрајноста и многувековниот културен континуитет на градот Прилеп“.

Актерот Игор Трпчески, на мултимедијалниот настан, читаше македонска поезија. Македонско оро во чест на творештвото на Павлина Илијеска – изведе КУД „Моминок“
Инаку, Павлина Илијеска е родена во Прилеп, 1949 година. Образованието го завршила во родниот град. Интензивно почнува да слика на свои 57 години, во 2006 година. Нејзиниот опус до 2015 година брои над 146 сликарски платна со претстави на градски ведути и пејзажи, изработени во акрилна техника.












