По повод формирањето на Првиот партизански одред „Пелистер“ на 22.04.1942 година, беше отворена фото изложба со наслов „Со факелот за слобода до победа“ од авторот Петар Ставрев.

Одбележани 80 години од формирањето на првиот партизански одред во Битола ,,Пелистер”. Ставрев преку оваа изложба го пренесува пулсирањето на животот во Битола од сите сфери на живеење во изминатите децении.

„Со убавите и вредни нешта да си ја сакаме и почитуваме Битола“ вели Ставрев.
„Тој како хроничар на Битола кој секогаш успешно го поврзува минатото со сегашноста и прави културолошки мост од она што некогаш било до она што сега е печат на времето кое го живееме. Оваа изложба е уште една потврда за моќта на фотографијата, која го надживува времето и останува како силен сведок на историјата, културата и живеењето во Битола“ рече Маја Андоновска-Илијевски, директорката Центарот за култура.

На изложбата меѓу присутните беше и дел од претседателството на ОО на Сојуз на борци-Битола.

Свое обраќање имаше и претседателот на ОО на Сојуз на борци-Битола другарот Стефан Бошков кој го поздрави овој настан и даде историски осврт за формирањето на ПО„Пелистер“ како и осврт во каква состојба била Битола и околината во тој период од Втората светска војна.

Присутните ги поздрави и раководителот на битолското одделение на Државниот архив, Гоце Стојановски, кој рече дека формирањето на одредот „Пелистер“ е светло на крајот на тунелот на една бурна историја на Македонскиот народ исполнета со подеми и падови, а можеби најмногу со разочарувања.

„Генерацијата која го сочинуваше одредот во ниту еден момент не беше подготвена за разочарувања. Речиси голоираки застанаа цврсто зад вековниот стремеж на македонскиот народ за своја држава и за свој јазик“ рече Стојановски.

Меморијата за нив успешно со години ја чува битолското одделение на Државниот архив. Тој се заблагодари за соработката што ја имаат со фотографот Ставрев.
На изложбата свое обраќање имаше градоначалникот на Битола, Тони Коњановски кој ги поздрави гостите и искажа благодарност за посветеноста на Ставрев кон вредностите на градот и нивното овековечувања.

За оваа изложба министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска напиша:
„Мозаикот фотографии и пишани документи не потсетува на едно херојско време и не повикува никогаш да не ја испуштаме од раце слободата“.
Фото изложбата е поставена во фоајето на НУ „Центар за култура“ – Битола.














