Рускиот претседател Владимир Путин би можел официјално да и објави војна на Украина на 9 мај, што би овозможило целосна мобилизација на руските резервни сили, сметаат американските и западните претставници, пишува Си-Ен-Ен.
До денес, руските официјални лица инсистираа дека конфликтот е само „специјална воена операција“ со централна цел „денацификација“.
Исто така, постојат индикации дека Русија може да планира да прогласи „народна република“ во југоисточниот град Керсон и да ја припои.
Во интервју за италијанската телевизија, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја нападна Украина и нејзиниот претседател Володимир Зеленски, велејќи дека „фактот дека тој е Евреин не ги негира нацистичките елементи во неговата земја“.
„Верувам дека и Адолф Хитлер имал еврејска крв во себе“, додаде Лавров.
Израел денеска ја осуди изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, со која сугерирал дека нацистичкиот лидер Адолф Хитлер има еврејски корени, и побара извинување од Москва.
Израелското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало рускиот амбасадор на „тежок разговор“ поради коментарите што Лавров ги даде вчера во интервју за италијанската телевизија.












