Битолчаните Илија Балтовски и Горан Петков, добро познати по нивниот импозантен настап на големото музичко шоу во Белград „Никогаш не е доцна“, синоќа приредија уште едно музичко уживање за Битола.
Нивниот настап во кафе барот Бурбон ги потсети битолчани на старите добри денови кога на Широк сокак се уживаше во Ју музика.
„Синоќа, во Pub Bourbon Street заедно со Илија и Горан, учествував во градењето на првиот Битолски музички времеплов. Со звукот на гитарата и прекрасно изведените песни од бившите ЈУ простори Илија Балтовски и Горан Петков ги собраа генерациите ,,средношколци од деведесетите,, и направија да се чуствуваме како повторно да сме во лудите средношколски години. Лицата кои синоќа ги видов, некои секојдневно, ама некои дури и после триесетина години, беа малце изменети, побелени и збрчкани ама уште поубави. А духот нити малце променет. По душа, повторно луди и млади како некогаш. Bourbon никогаш повесел. Бајага, Бора Чорба, Масимо и многу други Ју легенди, преку нотите и стиховите испеани од ова дуо, исто како да беа меѓу нас.“-сведочи битолчанец за тоа што какви емоции предизвика настапот на Балтовски и Петков.
Фотографија: Дадо Зум продукција Мицков













