На комисијата за политички систем и односно меѓу заедниците каде се разгледуваше извештајот за работа на јавните обвинителства за 2023 година, пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Драган Ковачки, рече дека состојбата во правосудниот систем е катастрофална, а државата нема авторитет.

„Мене ми е исклучително жал што го слушнавме ова дека имаме намален број на јавни обвинители, меѓутоа тоа се провлекува наназад во изминативе години. Еве ние како пратеници и во изминатиот состав и сега бројката се намалува, наместо да се зголемува. Оттука би сакал уште еднаш да потенцирам дека недозволиво е да имаме само 47 проценти пополнетост на стручни јавнообвинтелски службеници. 36 има пополнетост со јавнообвинителски службеници, раководни јавни службеници 4,6 проценти. Хигиеничари, возачи, курири 24 проценти пополнетост.

И сега тука сте напишале во извештајот дека сте добиле согласност, односно вашиот претходник напишал дека сте добиле согласност за вработување и тоа на оваа последната категорија што ги кажав, меѓутоа во декември. Зошто? За да не може да се реагира. Каков е овој однос на претходната власт кон јавното обвинителство, кон борците за правда“ праша Ковачки.
Тој исто така кажа дека во Судскиот совет и во јавнообвинителскиот совет на првите места, односно на челните позиции седат исклучиво партиски обоени кадри.












