Оваа трговска практика Black Fiday pотекнува од Соединетите Американски Држави, каде што е поврзана со Денот на благодарноста – Thanksgiving, кој се одбележува секој четврти четврток во ноември. Така, Black Friday секогаш паѓа во петок, а годинава тоа е 27 ноември.
Во Македонија, па и во Битола, трговците не чекаат задолжително да дојде тој ден. Дел од нив ги започнуваат акциите неколку дена, па дури и недели порано, додека други ги продолжуваат до крајот на ноември. Нема единствен датум на почеток и завршување на сите Black Friday кампањи.
Но, колку се реални намалувањата и дали цените што ги гледаме на излозите навистина значат заштеда?
Токму во периодот кога трговците ги интензивираат промотивните понуди, Државниот пазарен инспекторат најави засилени контроли, со цел да провери дали попустите се спроведуваат согласно законските прописи и дали потрошувачите добиваат точни информации за цените.
Законската рамка предвидува јасни правила за акциските и промотивните продажби. Акциската продажба може да трае најмногу 30 дена, а промотивната најмногу осум дена. Трговците имаат обврска јасно да ги објават почетокот и времетраењето на продажната акција, а намалувањето на цената мора да биде транспарентно и вистинито.
Инспекторите треба да утврдат дали зад големите проценти стојат реални намалувања или, пак, потрошувачите се доведуваат во заблуда со неточни информации за претходните и актуелните цени.
Дека инспекциските контроли не се однесуваат само на Black Friday покажуваат и податоците за периодот од 9 до 15 ноември. Во тој период, Државниот пазарен инспекторат извршил 590 надзори на целата територија на државата, при што биле издадени 151 прекршочен платен налог во вкупна вредност од 4 милиони 454 илјади 929 денари.
Од вкупниот број контроли, 138 биле по Законот за трговија, при што биле издадени 17 прекршочни налози. По Законот за заштита на потрошувачите биле извршени 37 надзори и издадени два прекршочни налози.
Дополнително, биле изречени 32 опомени, по кои во наредниот период треба да следуваат контролни надзори.
Од Инспекторатот ги повикуваат граѓаните доколку забележат неправилности при рекламирањето или реализацијата на попустите, да ги пријават на телефонскиот број 191 или преку веб-страницата dpi.gov.mk.
Додека трговците ги продолжуваат своите кампањи, а главниот ден на Black Friday допрва доаѓа, за купувачите останува едно важно правило – да не купуваат само затоа што на излогот пишува минус 50 или 70 проценти.
Зашто, вистинскиот попуст не се мери според големината на налепницата, туку според реалната заштеда што ја добива потрошувачот.











