ТЕРА

REKLAMA???

КОИ СЕ ЛУЃЕТО ШТО ОДЛУЧУВААТ ЗА БИТОЛА?

Кои се луѓето што одлучуваат за Битола? Кој е нивниот професионален пат, какво образование имаат, каде работеле, какви јавни и политички функции извршувале и со какво искуство денес учествуваат во носењето одлуки што директно го определуваат животот на битолчани?

Со овие прашања денес се обративме до градоначалникот, секретарот и советниците на Општина Битола. До сите нив е испратен детален прашалник со цел јавноста да добие подобра слика за луѓето на кои им е доверена одговорноста да одлучуваат во име на граѓаните. Прашалникот е подготвен за потребите на играно-документарен филм што го подготвува телевизијата и во иста форма е испратен сите 33 лица.

Причината за ова е едноставна. Граѓаните имаат право да знаат кој одлучува за нивната сегашност и иднина. На официјалната интернет-страница на Општина Битола, освен податоците за градоначалникот и секретарот, јавноста не располага со животописи на советниците во Советот на Општина Битола. Тоа значи дека граѓаните можат да го знаат името на човекот за кој гласале, но не и нужно неговото образование, професионално искуство, претходните јавни функции или другите ангажмани. А, токму советниците се оние кои, заедно со градоначалникот и општинската администрација, носат одлуки што непосредно влијаат врз секојдневието и иднината на Битола.

Затоа прашалникот не се сведува само на биографски податоци. Од избраните и именуваните функционери бараме да кажат што ги квалификува да учествуваат во носењето одлуки за Битола, во која област сметаат дека можат најмногу да придонесат, колку време посветуваат на функцијата и колкав надоместок добиваат за неа.

Ги прашуваме и за нивните конкретни одлуки и иницијативи, дали некогаш предложиле сопствена иницијатива или амандман, како и дали некогаш гласале спротивно од ставот на својата советничка група или политичка партија кога сметале дека интересот на Битола е поинаков.

Прашањата опфаќаат и интегритет и транспарентност, евентуални деловни интереси, поврзаности со компании и организации што соработуваат со Општината и прашањето дали јавноста треба да има целосен увид во професионалните и деловните интереси на луѓето кои носат јавни одлуки.

Но, сакаме да го запознаеме и човекот зад функцијата. Која книга последна ја прочитал? Кој човек најмногу влијаел врз неговите ставови? Кое му е омилено место во Битола? Што му пречи како обичен граѓанин? Кога последен пат користел јавен превоз, велосипед или пешачел низ градот за да ги заврши секојдневните обврски?

На крајот, од секој од нив очекуваме и краток, личен одговор: што за нив е Битола, што најмногу ѝ недостига и што сакаат битолчани да кажат за нив по завршувањето на мандатот.

Од градоначалникот, секретарот и сите советници очекуваме да одговорат на прашањата и со тоа да покажат дека транспарентноста не треба да завршува со објавување на име и функција. Бидејќи јавната функција не е приватна работа. Луѓето кои носат одлуки за Битола се избрани или поставени да работат во интерес на граѓаните. А, граѓаните имаат право да знаат кои се тие луѓе, од каде доаѓаат, со какво искуство доаѓаат на функцијата, што направиле досега и како размислуваат за Битола што треба да ја остават зад себе.