Во концертната сала на ДМУ-Битола беше одржан концерт во чест на Проф. Панде Талевски долгогодишен професор по флејта во ДМУ – Битола. Настапуваа ученици од класата по флејта на проф. Александар Стефановски.

Проф. Талевски бил роден на 23.05.1949год. во Битола. Основно и средно музичко образование завршил во родниот град. Учел флејта кај познатиот професор по солфеж во битолското Музичко училиште проф. Петар Сидовски и продолжил со него до доаѓањето од Белград на проф. Кирил Петков како прв дипломиран професор по флејта во ова училиште.По завршувањето на средното образование во учебната 1968/69г. се запишува на Академијата за музика во Сараево -во класата на професорот Беќир Дрнда – еминентен професор по флејта на балканските простори.
Секогаш бил активен и како солист со оркестрите во Сараево, и со камерни ансамбли додека студирал. Посебен податок за него е што во 3 студиска год. по инсистирање на проф.Бруно Шпилер – професор по соло пеење на Сараевската академија учел две години и соло пеење.

По дипломирањето се враќа во родниот град Битола како втор дипломиран флејтист и заедно со Проф. Кирил Петков ги водат класите по флејта. Секогаш на натпреварите во Република Македонија земал први награди, а тие биле одскочна даска за сојузните напревари во бившата Југославија каде ги собирале првите награди. Класата по флејта на Проф. Талевски се состои од голем број на ученици со високи републички и меѓународни награди кои денес се професори во музичките училишта во државата, инструменталисти во македонската опера и балет и македонската филхармонија во оркестарот на армијата на Македонија и самостојни уметници.
Покрај педагошкиот опус на Проф. Талевски треба да се спомне и уметничкиот. Во еден период Битола имала Друштво на музичките работници кое сочинувало повеќе ансамбли. Голем оркестар, камерен оркестар, камерни ансамбли, женски хор, мешан хор и дувачки (џез) оркестар. Проф. Талевски активно учедтвувал скоро во сите ансамбли како уметник. Тој заедно со проф. Маргарита Татарчевска и проф. Кирил Петков го оформиле триото “Сиринкс” и настапувале и во нашата држава и на меѓународните сцени. Не може, а да не се спомене естрадниот период на проф.Талевски како член на групата “Битолски конзули”.
Веста за неговата прерана смрт(11.11.2020) сите негови колеги, пријатели и познаници ја примија со голема тага но, делата оставени од него како уметник, професор по флејта, како естраден уметник ќе зборуваат и додека постојат сите оние кои имале заеднички моменти и живот со него ќе сведочат за неговата личност.












