ТЕРА

REKLAMA???

КОНЦЕРТ ВО МУЗИЧКОТО УЧИЛИШТЕ ВО ЧЕСТ НА ПРОФЕСОРКАТА СНЕЖАНА МАРКОВСКА

„Нека оваа вечер биде сеќавање за нашата ценета професорка Снежана Марковска, која  целиот свој работен век го помина токму овде во нашето музичко училиште, оставајќи неизбришана трага со својата педагошка работа. Музиката беше дел од неа, таа беше дел од музиката.Своето огромно знаење за тајните и правилата на хармонијата ги пренесуваше на многу генерации како одличен педагог. Таа беше врвен професионалец, но и педагог кој умееше да го препознае талентот кај ученикот.Беше и родител умешно справувајќи се со предизвикот на класен раководител“, вака професорката Марина Коруновска го отвори концертот кој во чест на починатата професорка Снежана Марковска, се одржа во Државното музичко училиште во Битола.

На концертот настапија: Климент Ристески, Јован Ристевски, Петар Костадиновски, Стефан Кулевски, Зорица Јовчева, Аница Нелоска, Мевљуд Асаноски, Стефан Јовановски, Јована Димоска, Михајло Босилков, Емилија Ристевска, Андреј Деспотоски, Јована Здравевска, Бојан Наумовски, Филип Размовски, Дуо Твинс, Емилија Богоевска, Андреа Николовска, Јана Блажевска, Матеа  Стојанова, како и Мешаниот и Женскиот хор при училиштето  под диригентска палка на проф. Лилјана Трајковска Димевски. Пијано соработник на концертот беше проф.Александра Ристовска.

Снежана Марковска беше родена во Кочани 1950 год. во семејство на учители. На 6 – годишна возраст со семејството се доселува во Битола. Тука го започнува своето музичко образование – прво во нижото музичко, а подоцна во средното музичко училиште.Целиот свој работен век го помина во музичкото училиште како професор, педагог и класен раководител, пренесувајќи го своето знаење на денешните професори. Многу генерации поминале низ нејзините училници и предмети. Многу од нив ги насочила понатаму, дејствувала и советувала да бидат луѓе пред се.

Професорката Снежана со својата педагошка работа влијаела не само на учениците туку и на своите колеги. Со своето искуство и авторитет ги решавала проблемите во интерес на наставата како долгогодишен шеф на теоретската класа.  била  инспирација за многу генерации кои со своето школување се посветиле на педагошката работа за тоа како треба да изгледа ликот на еден педагог. Токму затоа таа е синоним за музичкото училиште. 

Оваа недела настаните во чест на професорите кои одбележале еден период од музичкото училиште продолжуваат со концертите во чест на :професорите Роска Блажиќ и Христаки Наумовски и концертот во чест на професорката Блашка Трајкова на 23. март.