Владата на Косово го одложи спроведувањето на мерките за еден месец, јавија доцна синоќа приштинските медиуми.
Владата на Косово од денеска требаше да почне со издавање на таканаречените влезно-излезни документи за сите српски државјани што влегуваат на Косово.
Како што соопшти владата во Приштина, овие мерки ќе бидат одложени до 1 септември, доколку денеска се отстранат барикадите поставени на граничните, како што се нарекуваат во Србија – административни премини.
Американскиот амбасадор во Приштина Џеф Ховениер доцна синоќа изјави дека побарал од косовските власти да ја одложат одлуката за примена на реципроцитет за еден месец, бидејќи, како што наведе, има несогласувања и дезинформации во врска со оваа одлука.
„Една од причините што сум тука и што се сретнав со претседателката (Вјоса) Османи и со премиерот (Албин) Курти е да им кажам дека треба да го одложат за 30 дена спроведувањето на одлуката за реципроцитет, бидејќи има несогласувања и дезинформации во врска со таа одлука“, рече Ховениер, пренесе РТК.
Одлуката на Приштина ја поздравија високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.
„Очекувам дека сите блокади ќе бидат отстранети веднаш. Отворените прашања треба да се решат преку дијалог со посредство на ЕУ и да се фокусираат на сеопфатна нормализација на односите меѓу Косово и Србија, што е од суштинско значење за нивната интеграција во ЕУ“, напиша Борел на Твитер.
Во соопштението, Владата на Косово остро ја осуди „блокадата на патиштата на северот на Косово и пукањето на вооружени луѓе таму врз нелегални предмети“. „Тоа е тенденција за дестабилизација на Косово и загрозување на мирот и безбедноста на нашите граѓани и на земјата. Попладневните и вечерните часови се случија бројни акти на агресија кои беа поттикнати и подготвени од официјален Белград“, соопштија од Владата.
Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека претседателот на Србија Александар Вучиќ и директорот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија Петар Петковиќ се најодговорни за ситуацијата на северот на Косово. Петковиќ, пак, рече дека единствениот виновен за актуелната состојба е Курти, кој со неодговорни потези „предизвикува нова криза“ на Косово.
Српскиот претседател Александар Вучиќ им се заблагодари и на претставниците на американската амбасада и на високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Жозеп Борел, за нивното посредување.
Претседателот на Србија, непосредно пред одлуката на Владата на Косово, вечерта во неделата на 31 јули изјави дека претстои веројатно најтешката политичка борба во наредните недели и месеци и порача дека се прави се за да се смири ситуацијата на северот на Косово. „Работиме на смирување. Сè што можеме, како можеме. Колку и да е тешко, нема да има предавање и Србија ќе победи“, изјави Вучиќ за ТВ Пинк. Тој им се заблагодари и на Србите во Косово за, како што наведе, воздржаноста.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, остро реагираше на изјавата на косовскиот премиер Албин Курти, во која тој ги обвини српскиот претседател Александар Вучиќ и директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ дека предизвикуваат немири.
„Сѐ што гледаме денес е резултат на едностраните потези на Курти. Србија не направи ништо за да ја почне оваа криза. Србите во Косово не направија апсолутно ништо за да го предизвикаат ова што го гледаме денес. Напротив, ова е епилогот на повеќегодишното малтретирање на Србите на Косово и Метохија и непочитување на меѓународните договори.Претседателот Вучиќ и Србија повикуваат на мир, стабилност, поврзување и соработка, а Албин Курти е срамот на денешниот Балкан.Курти е човек чија единствена политика е постојано насилство и постојани провокации. Курти е тој што ги доведе работите до оваа точка – со откажување на правото на глас за Србите, забрана за одржување избори на територијата на Косово и Метохија, непочитување на Бриселскиот договор и отворено признавање дека Приштина никогаш нема да го спроведе Бриселскиот договор, како и намерно погрешно толкување и селективно толкување на старите договори“ – порача Брнабиќ.
Србите на северот на Косово на 31 јули ги блокираа патиштата на север со камиони и други возила во знак на протест против одлуките на Владата на Косово од 29 јуни. Овој документ се планира да се издава на сите копнени и воздушни премини и има важност од 90 дена, како и документот што српските власти го издаваат на граѓаните на Косово при влез во Србија.
Овој документ треба да го добијат и лица помлади од 16 години кои немаат документ за идентификација, но мора да имаат извод од матична книга на родените.
„Ние нема да земаме документи од луѓето кои доаѓаат од Србија на Косово, ќе им додадеме декларација. Значи, тие доаѓаат со документи издадени од Србија, ние не ги земаме, туку им издаваме декларација, бидејќи 11 години Србија се однесува исто со секој граѓанин на нашата Република кога ќе ја премине границата и ќе оди во Србија. Така, ќе има друг документ“, изјави на 31 јули косовскиот премиер Албин Курти.
Истовремено требаше да стапи на сила одлуката за пререгистрација на автомобилите со акронимите на градовите на Косово издадена од Србија.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 31 јули изјави дека Косово се повикува на член 3 од Договорот за слобода на движење, што го постигнаа Приштина и Белград како дел од дијалогот со посредство на Европската унија.
Според него, тој напис не може да се однесува на Србите кои живеат на северот на Косово. Се проценува дека 10.000 автомобили со таблички како КМ (Косовска Митровица), ПЗ (Призрен), УР (Урошевац) итн. циркулира во општините на северот на Косово, населени со мнозинско српско население.
Во неделата на 31 јули, откако Србите ги блокираа патиштата кон граничните премини со Србија на северот на Косово, Јариње и Брњак.
Целокупната безбедносна состојба во општините на северот на Косово е тензична, оцени мисијата на НАТО во Косово КФОР и изјави дека е подготвена да интервенира доколку е загрозена стабилноста на Косово, согласно нејзиниот мандат.












