Филмот „Хомо“ на режисерот Игор Иванов Изи беше презентиран на 8.то издание на филмскиот фестивал Балкан Панорама во Измир, Турција. Покрај позитивните реакции на публиката, филмот доби уште една во низата награди.
Дел од екипата во Турција покрај режисерот, беше и сценаристот Томи Салковски како и актерката од Косово Мајлинда Косумовиќ.

„ Секогаш е убаво чувството да се оди во други држави и да се работи, тоа не се случува многу често па затоа уште повеќе уживав. Јас не се знаев претходно со режисерот ова е прв пат што работевме заедно. Тој дојде во Приштина за кастингот. Ми се допадна сценариото, улогата, имав доволно простор да го развијам ликот. Беше голем предизвик бидејќи јас не знам македонски ама зборувам македонски во филмот. За мојата улога 90 проценти од дијалозите беа на македонски. На почеток беше многу тешко, но го сакав тој предизвик и беше убаво чувството да се помине тој пат“ изјави Мајлинда.
За учењето на македонскиот јазик за потребите на филмот рече:
„ Македонскиот го вежбав со Агнес Нокшиќи и мојата пријателка која дојде со мене во Измир Сунар Сулејмани. Таа секогаш ми помага со српскиот, македонскиот, турскиот јазик, таа дури го снима мојот изговор, а потоа ми укажува каде грешам. Го научив изговорот од срце.Но, на сет доколку сакаа да променат нешто беше невозможно затоа што јас веќе го имав научено првичниот текст“.
Актерската екипа покрај неа ја предводеа: Александар Матовски-Цако во улогата на Гоги, Наташа Петровиќ во улогата на Кети, Игор Ангелов во улогата на Поп Христо, Јордан Симонов во улогата на Адвокатот, Сашко Коцев во улогата на Петар, Оливер Митковски во улогата на Сократес, Сергеј Димовски на кого ова му беше дебитантско остварување на долгометражен филм – во улогата на Поп Демијан, Јоана Буковски од Бугарија во улогата на Петра, Себастијан Каваца од Словенија во улогата на психијатарот Др. Улчар, Јелена Јованова во улогата на Јулија, Мони Дамевски во улогата на Вујкото на Гоги, Мартин Манев – во улогата на Виктор и Славиша Кајевски во улогата на Фантом.
Филмот е во продукција на „Скопје филм студио“ и е дел од широка копродукција со Косово, Бугарија и Хрватска.












