Кој зборува, кој молчи, колку е присутен градоначалникот… Анализата на работата на Советот на Општина Битола за периодот од ноември 2025 до јули 2026 година покажува значителни разлики во активноста на советниците.
Во анализираниот период, Советот на Општина Битола одржал 14 седници, на кои се донесени 171 одлука, 75 заклучоци и 210 решенија, а биле разгледувани и 55 програми. Од вкупно 31 советник, 29 се јавиле за збор, додека двајца воопшто немале дискусија. Вкупно се регистрирани 475 дискусии и реплики.
Најактивна советничка група е советничката група на СДСМ и коалицијата со 170 дискусии, односно 35,79 проценти од вкупниот број на дискусии. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаат 166 дискусии или 34,95 проценти. ПОИНАКУ има 65 дискусии, ЛДП 37, Левица 21, а ГРИН и ЗНАМ по 8. За ДУИ во анализата не е регистрирана ниту една дискусија.
Ако вкупниот број на дискусии на секој советничката група се подели по бројот на советници, тогаш неприкосновен на врвот е Димитар Кузмановски од ЛДП кој сам ја сочинува советничката група на ЛДП и сам има 37 дискусии. Советничката група на СДСМ и коалицијата брои пет советници, па кога бројот на вкупни дискусии се подели помеѓу сите нив, излегува дека имале 34 по советник, додека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаат 166 дискусии со 16 советници, или 10,38 дискусии по советник.
На врвот на листата по број дискусии е претседателот на Советот, Бојан Бојкоски, со 69 јавувања за збор. Следуваат Петар Николовски од СДСМ со 58, Софија Ристевска Петрушева со 40, Иван Чулакоски од ПОИНАКУ, исто така со 40 дискусии, а најактивната петорка ја заокружува Димитар Кузмановски од ЛДП со 37 дискусии. Но, листата покажува и една друга слика. Двајца советници во целиот анализиран период не се јавиле ниту еднаш за збор. Тоа се Иле Кочишки од ВМРО-ДПМНЕ и Валдета Мусаи Фејзуловска од ДУИ.
Посебно внимание привлекува и статистиката за присуството на градоначалникот, Тони Коњановски на седниците на Советот на Општина Битола. Од 14 седници опфатени во анализата, градоначалникот присуствувал на седум, односно на половина. Во самата анализа се посочува дека присуството на градоначалникот е важно за директна комуникација со советниците, образложување на предлозите и одговарање на прашањата и забелешките.
Советниците во овој период поднеле и 15 иницијативи, од кои осум биле усвоени, а седум не биле прифатени.
Анализи за активноста на советниците се правеле и во минатото, кога седниците знаеле да завршат и доцна во ноќта. Досега не е направена анализа дали бројот на дискусии е доволен показател за квалитетот на работата на советниците или станува збор за шекспировската комедија “Многу врева за ништо”?!











