Македонскиот Камерен Хор настапи на мултикултурниот фестивал CultureFest организиран од World of Cultures од советот на градот Окленд, кој се одржа на 2ри април 2023. Фестивалот трае 21 ден и понуди бројни музички, ликовно-уметнички и танцувачки активности, едукативни настани, базари и работилници за подготвување храна од различни култури.
„Настапот на овој фестивал е мошне значаен затоа што ја претстави македонската култура заедно со повеќе од 60 култури што живеат во Окленд, Нов Зеланд“, ни изјави Ирена Ангеловска основач на хорот.

Композициите кои ги изведоа се хорски аранжмани на едни од најпознатите македонски народни песни, меѓу кои „Јовано, Јованке“, „На Струга дуќан да имам“, „Брала мома капини“ и „Рум, дум, дум“. Македонскиот Камерен Хор е формиран во 2021 година. Негови основачи се македонските музичари Саше Ангеловски и Ирена Ангеловска кои се организатори и раководители на работата со хорот.
Целта на Македонскиот Камерен Хор е промовирање и зачувување на македонската култура и македонското музичко творештво, раздвижување и збогатување на културниот живот на македонската заедница во Аотеароа/Нов Зеланд, претставување на македонската музика рамо до рамо со музиката на останатите култури во Аотеароа/Нов Зеланд, и промовирање на интеркултурен дијалог, разбирање и почитување меѓу културите и етничките заедници во државата.












