Со доделување на наградите „Жолт чадор“, свечено беше затворено 8-то по ред издание на Интернационалниот филмски фестивал „Балканска панорама“ во измирската општина Буча, Турција. Овој фестивал кој во својот советодавен одбор има уметници како Милчо Манчевски, Раде Шербеџија и легендата на турскиот театар Едиз Хун, се фокусира на балканското филмско остварување. Унгарија беше годинешната земја во фокус, а присуствуваа филмски уметници од балканскиот регион.
„Балканска панорама“ е мост на соработка на поле на филмската уметност помеѓу Турција и Балканот. Основач и директор на фестивалот е Сали Салини кој на манифестацијата истакна дека е среќен што и ова издание помина во најдобар ред, дел од учесниците си заминуваат дома со награди и се надева на уште долги години успешна соработка со сите.

Во интернационална категорија за краток филм на 8.издание на филмскиот фестивал Балкан панорама, наградата за најдобар филм ја понесе македонскиот „Проблемот на Тина“, во режија на Радован Петровиќ. Во истиот играат: Душица Настова, Жаклина Стефковска, Јордан Симонов, Тамара Ристоска, Емилија Мицевска-Трајковиќ. Продуцент на филмот е Роберт Насков.
Режисерот Петровиќ беше лично присутен на фестивалот и ја подигна наградата.
Членови на жири беа режисерката Севги Хиршхаусер, актерот Инанч Конукчу и актерот Турул Тулек.
Покрај него македонската актерка Наташа Петровиќ за улогата во филмот „Хомо“ на Игор Иванов, во интернационалната категорија ја понесе улогата за најдобра актерка. Филмот е во продукција на „Скопје филм студио“ и е дел од широка копродукција со Косово, Бугарија и Хрватска. Во име на актерката Петровиќ наградата ја подигна продуцентот Томи Салковски.

Членови на жири во оваа категорија беа: македонскиот актер Мето Јовановски, филмскиот режисер и професор од Црна Гора, Никола Вукчевиќ и актерот Феџа Штукан.
За најдобар филм во оваа категорија беше прогласен босанскиот „Така да не остане жива“, на режисерот Фарук Лончаревиќ, а за најдобар режисер Срџан Драгојевиќ за филмот „Небеса“.

Официјалната награда „Жолт чадор“, беше доделена во 11 категории.
На свеченото затворање присутни беа бројни гости претставници на дипломатскиот кор во земјата, министерствата и општините, филмски институти.
На доајенот на македонската театарска и филмска уметност, Мето Јовановски на годинешното издание на фестивалот на свеченото отварање, му беше доделено признанието „Почесен гостин на фестивалот“ за допринос кон филмската уметност . Во негова чест на повеќе локации се прикажуваше филмот „Тетовирање“.
Во Измир за првпат беа прикажани и македонските филмови: Врба (Милчо Манчевски), Сведокот (Митко Панов), Дедо и внук (Илија Пиперкоски), Манаки: Приказна во слики (Роберт Јанкулоски).
Фестивалот беше во организација на oпштина Буча, поддржан од Министерството за култура и туризам на Турција и општина Измир, а се одржуваше од 21-27 мaj.












