ТЕРА

REKLAMA???

МИНИСТЕРОТ ТРИПУНОВСКИ, ДЕНЕС НА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО БЕЛГРАД

Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на денешната конференција во Белград насловена „Трансформација прехранбених система”, нагласи дека искористувањето на природните ресурси е клучно за македонската земјоделска политика.

Според него, природните богатства, вклучувајќи го земјоделското земјиште, уживаат посебна заштита како добра од општ интерес.

„Природните богатства, вклучувајќи го земјоделското земјиште, растителниот и животинскиот свет, се уставно дефинирани како добра од општ интерес за државата и уживаат посебна заштита, за што истите се третираат и во поедини Закони, меѓу кои и повеќе Закони во надлежност на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство”, истакна министерот.

Трипуновски истакна дека се стремат кон „зелено“ земјоделство, прилагодувајќи ги активностите кон Заедничката земјоделска политика на ЕУ и „Зелената агенда“. Целта е оптимално искористување на ресурсите, со акцент на примената на еколошки практики кои ќе помогнат во намалување на влијанието на климатските промени.

„Се стремиме земјоделските стопанства да го спроведуваат концептот на „зелено” земјоделство како логичен и природен начин за извршување на земјоделските активности. И истите активности постепено ги прошируваме и прилагодуваме согласно нашето постепено прилагодување кон Заедничката земјоделска политика на ЕУ и „Зелената агенда” на ЕУ”, нагласи Трипуновски.

Министерот посочи дека е потребна буџетска поддршка и нови мерки за стимулирање на иновации во земјоделството. Инвестициите ќе бидат насочени кон ефикасни системи за наводнување, заштитна опрема и производство на енергија од одржливи извори.

Обуките за примена на нови земјоделски системи, како што е регенеративното земјоделство, ќе бидат од особена важност за прилагодување кон климатските промени.