Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево вечерва беше домаќин на третиот спектакуларен концерт „Лука Лазарески и пријателите“ — вечер во која музиката стана повод за благодарност, а празникот причина за заедничко собирање.
Со тивка радост и празнична топлина, вечерва се собраа срца што ја сакаат убавината и заедништвото. Заедно со младиот Лука Лазарески, свои точки имаа и други уметници и музичари од Кичево и околината, кои со љубов и посветеност придонесоа оваа вечер да биде исполнета со жив дух и искрена радост.
Лука, со своето пијано, нежно ја водеше публиката низ прекрасните монументални класици од врвните композитори, песни од македонскота музичка поп сцена а на крајот се беше крунисано со божиќните каланди заедно со хорот „Митрополит Козма Пречистански“ кои со своите гласови допринесоа оваа свечена вечер празничните мелодии да внесат мир и светлина во секој тон. Ансамблот “ Симбиоза“ повторно го внесе духот на фолклорот и традицјата, сплет на љубов и игра.
Заедно со Лука настапи и неговиот брат Марко Лазарески, чија гитара внесе топлина и младешка радост, преточена во енергија на жичната гитара. Концертот беше збогатен и со настапи на неколку девојчиња, чии изведби донесоа искрена радост и детска чистота, како и со присуството на пријатели и гости што ја споделија оваа празнична вечер. 
Меѓу присутните беше и Владика, Епископ Партениј со дел од својата монашка заедница. Во завршницата на вечерта, тој ја подели василопитата со паричка, како знак на благослов, благодарност и надеж за новата година.

Младиот талентиран уметник Лука Лазарески досега има настапувано и во Офицерскиот дом во Битола. Погледнете како изгледаше неговиот минатогодишен настап во Битола.













