Иселувањето, ковид пандемијата и сега економската криза причина за затворање на дел од дуќаните во Старата битолска чаршија. На секоја улица во чаршијата празни дуќани, затворени кепенци, натписи дека дуќанот се издава. Од Занаетчиската комора во Битола велат дека состојбата е алармантна.

„Состојбата е алармантна, последните две три години. Од почетокот на короната па сега со економската криза многу занаетчии ги затворија своите дуќани. Исто така многу од занаетите немаат и наследник па не се продолжува, па затоа се во изумирање. Во последно времне многу од дуќаните се затвораат во Старата битолска чаршија, многу се испразнати. Многу од дејностите кои што работеле односно занаетчиите се иселуваат поради високата кирија, сега со економската криза со покачувањето на цената на струјата, со работните материјали кои им се потребни да ги изработуваат производите. Многу од занаетчиите се иселуваат и за жал дуќаните остануваат празни“, изјави Наташа Костовски од Регионална занаетчиска комора во Битола“

Ако на времето имаше голем број на чевлари, папуџии, јорганџии, лимари, денеска велат дека овие занаети се во изумирање. Секоја година се зголемува листата на занаети коишто изумираат.
„За жал занаетите се во изумирање, секоја година се зголемува листата на занаети коишто изумираат. Порано живееше чаршијата имаше и занаетчии и се, сега поради иселувањето и во поново време со индустријализацијата се се измена. Многу од дејностите изумреле, има и многу кои што го сменале и името или пак се измодернизирале дејностите. Занаети кои изумреле се лимари, чевлари, папуџии, јорганџии, ковачи исто така. Сега најмногу преживуваат услужните дејности “, додаде Костовски.
85 годишниот Душан Павловски кој во истиот дуќан работи од 1974 година.Ваква вели чаршијата не ја памети. Има работа, но нема интерес кај младите за учење на занает.

Годинава локалната самоуправа дел од зимската приказна ја лоцираше во Старата чаршија со цел да и се врати стариот сјај.












