Синоќа во Солун, за време на изложбата на ликовниот уметник Сергеј Андреевски, во галеријата упаднале група маскирани луѓе, кои со непристојно и вулгарно вербално однесување се обиделе да предизвикаат прекинување на изложбата, по што си заминале, стои во информацијата од Министерството за надворешни работи на Македонија.
Понатаму се вели дека иако без демонстрација на физичко насилство или нанесена материјална штета, поради заканите и вербалните напади била повикана и полиција, која е целосно известена за инцидентот.
За инцидентот известени се и Генералниот конзулат на Македонија во Солун и Амбасадата во Атина, кои веднаш стапија во директен контакт со надлежните органи на Грција, а за инцидентот е информирано и грчкото Министерство за надворешни работи.
Во текот на денешниот ден, во МНР е повикана и грчката амбасадорка Софија Филипиду, при што и формално ќе бидат упатени очекувањата од нашиот сосед да бидат преземени сите мерки за откривање и процесирање на сторителите, се вели во информацијата од МНР.
Медиумите јавуваат дека членови на грчката забранета организација Златна зора со маски и качулки на лицата упаднаа изложба на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски, која се одржуваше денеска во галеријата на солунската општина Каламариа.
На влезот од галеријата членовите на Златна зора залепиле плакати кои, како што велат, се однесуваат на жителите и на „неприфатливата толеранција на градоначалникот“, јави МИА.












