ТЕРА

REKLAMA???

„МОНОХРОМАТСКА ИЗОПАЧЕНОСТ“, ИЗЛОЖБА НА ЛИНА ПРОДАНОВСКА

“Монохроматска изопаченост” не е само визуелна изложба – тоа е искуство. Искривените фигури, нивната скаменета металност, нивната двосмисленост меѓу човекот и апстракцијата – сето тоа создава чувство на чудење, на непрекинато барање одговори.

Лина Продановска, авторката на оваа изложба, која беше отворена во битолската „Магаза“ е матурантка и самата изложба е матурска проектна задача по ликовно образование. Инаку Продановска е ученичка во гимназијата „Јосип Броз Тито“ и е нејзина првата самостојна изложба.

„Во овие урамени листови хартија сакав да го преточам сето она што ме фасцинира, длабоки тонови, остри цртни, истакнати агли во органски форми, нешто веќе познато, но некако чудно изопачено. Со оваа серија, сакав да покажам дека монохроматскиот свет не е ограничен – тој е бесконечен простор на можности, место каде што светлината не само што дефинира форми, туку и создава нови“ вели авторката на изложбата.

Мотивација за темата

Во светот на боите, каде животот пулсира во нијанси, јас избрав монохроматски молк. Црното и белото не се само отсутност на боја, туку простор меѓу светлината и сенката, место каде што формата се ослободува од колоритните ограничувања и добива нова димензија. Инспирацијата за оваа серија цртежи произлезе од бронзените скулптури – нивната мазна, рефлективна површина која го доловува секој отсјај на светлината, нивната вонземска, апстрахирана форма која во себе содржи и движење и неподвижност. Но, овие фигури не се само бронза. Тие се течен метал што се прелева низ границите на реалноста и надреалното. Во нивните изопачени контури се крие игра на сенки, каде што човечкото тело се трансформира, издолжува, извива и исчезнува самото во себе.

Замислете фигура што не е ни човек, ни машина,не е ни живо, ни неживо, туку нешто измемеѓу – испружена во простор и време застаната во мигот на сопствената метаморфоза. Гледачот не може точно да дефинира што гледа, но чувствува во погледот на нештото што мирува, но сепак зрачи со некаква фрекфенција, тоа за мене е вистински доловена уметност. Тоа за мене е “Монохроматска изопаченост” – проект што ја разградува стабилноста на телото и ја преточува во нешто ново, нешто што пулсира помеѓу нас и она во нас. Проектот “Монохроматска изопаченост” произлезе од желбата да се истражи трансформацијата на човечката форма преку стилизирани, скулптурални композиции. Инспирацијата дојде од бронзените скулптури и нивната способност да создадат илузија. Наместо да се користи традиционален тридимензионален медиум, се одлучив за молив и јаглен, со цел да постигнам визуелна слика и да доловам метална текстура, но во две димензии. Преку оваа серија, се стремев да ја испитам границата помеѓу реалното и надреалното, органското и механичкото. Фигурите што ги создадов се изопачени верзии на човечки форми, но со флуидност што потсетува течен метал или бронзени скулптури што се во процес на топење и рекомбинација.

Целта беше да се прикаже човечката форма како динамична, подложна на промени, но истовремено и статична – замрзната во време и простор. Овој контраст ме фасцинираше и ме мотивираше да ги истражам ефектите на светлината, сенките и рефлексиите во монохроматски контекст.

Материјали

Низ овие бели хоризонти јас избрав да зборувам со сенки. Монохроматскиот изглед не е само естетски избор; тој е филозофија. Црното и белото не се само нијанси – тие се концепти, две крајности меѓу кои постои бесконечна скала на сиви тонови. Во тие премини лежи животот на моите фигури. Но, наместо во метал, моите форми се создадени во јаглен и молив, медиуми што можат да го доловат истиот ефект, но на лист хартија.

Монохроматскиот изглед ја отсликува мојата страст кон минимализмот.Користењето на молив и јаглен како медиуми се основни и силни алатки во графиката. Со моливот, можам да постигнам прецизни детали, а со помош на јагленот, кој е посилен и темен, ги истакнувам контрастите и создавам динамика. Моливот ми овозможува да работам со фини линии и да ја истражувам светлината и сенката, додека јагленот додава длабочина и интензитет на моите композиции. Со правилно контролиран притисок на моливот, можат да се постигнат различни степени на светлински ефекти, кои создаваат повеќе димензионални форми на хартијата. Ова е особено важно за експресивните и изопачени форми што ги претставувам во мојата изложба, каде што светлото и сенката не само што ги дефинираат формите, туку создаваат и контекстуални интеракции меѓу нив, формирајќи нови визуелни интерпретации. Графиката како медиум ми овозможува да се фокусирам на чистите облици и линии, што ја прави идеална за мојата истрага на изопаченоста во визуелните прикази. Овие дела се темелат на игра на контраст. Фасцинанта е таа скала на тонови каде што ништо не е само бело или црно. Во тој бескраен хоризонт постојат илјадници сиви кои јас пробав да ги доловам со линијата на мојот молив. Во контекст на мојата изложба, моливот не е само алатка, туку и симбол на едноставноста која создава сложени перцепции на светот, истакнува Продановска.

Клучни ефекти

Илузија на металност: Светлосните премини и контрастите создаваат ефект на бронза, иако медиумот е црно-бел.

Динамична статичност: Фигурите изгледаат како замрзнати во миг на трансформација, што предизвикува чувство на движење и очекување.

Емоционална двосмисленост: Иако се апстрактни, формите се доволно блиски до човечките пропорции за да предизвикаат емпатија, но истовремено оставаат простор за лична интерпретација.