По објавувањето на музиката за филмот „Прашина“ на Милчо Манчевски кон крајот на минатата година, Филтер Лабел продолжува со изданија од серијалот филмска и театарска музика создадена од еден од нашите најплодни и меѓународно најуспешни современи композитори, Кирил Џајковски.

Музиката од ремек делото „Големата вода“ на Иво Трајков е достапна на сите дигитални сервиси во светот. Овој материјал на Џајковски е едно од највпечатливите сведоштва за неговиот раскошен талент како композитор на филмска музика и потврда на неговата креативна зрелост. На петнаесетте композиции од ова издание, авторот успеал да прикаже подеднаква елоквентност во динамичните, драматични, перкусивни теми (“Chasing Lem”, “Blood Brothers”) и во нежните, елегантни, интроспективни нумери (“The Great Water”, “Forgiveness”, “Farewell”). „Големата вода“ ја освои наградата за најдобра музика на Филмскиот фестивал во Валенсија. Албумот со музиката од филмот „Големата вода“може да се слуша и даунлодира од сите дигитални музички сервиси.












