Во рамките на Фестивалот „Илинденски денови“,на локалитетот „Хераклеја“ настапија Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ и најголемиот гитарист на нашите простори и секако еден од најдобрите во Европа, но и многу пошироко, Влатко Стефановски.
Дефинитивно, проектот „Танец и Влатко“, за кој аранжманите на филигранските македонски ора „Пелистерско“ , „Касапско оро“, „Ситна лиса“, „Поступано“, „Калајџиско“, „Пајдушко“ и антологиските песни „Елено, ќерко“, „Јано, мори, севдалино“, специјално ги напиша познатиот македонски композитор, аранжер и инструменталист, Дамир Имери, а кои маестрално ги изведуваат хорот и оркестарот на Танец и гостите инструменталисти, на чело со единствениот Влатко Стефановски, ја втиснуваат оваа врвна фузија, ова уникатно парче музика, во аналите на македонската популарна музика.

Вчеравечер, никој не можеше да остане имун на музичката игра и еснафското натсвирување на Влатко и вокално-инструменталниот ансамбл на „Танец“, предводен на сцената од маестро Дарко Илиевски. Како гостинка на концертот настапи и Сузана Спасовска.
Влатко Стефановски е стар пријател на Танец, кој во текот на својата речиси пет децениска кариера многупати има настапувано со Ансамблот, и дома и надвор. Тој секогаш соработките со Танец ги истакнува како особено значајни и инспиративни за неговата музика, како за македонската музичка култура во целост.

Стефановски е човекот кој традиционалниот звук го претвори во рок култура и лектира за генерации. Нема дилема и дека овој проект ќе има долг концертен живот, а доказ за тоа е и големиот интерес кој го покажаа организаторите на летните фестивали дома и надвор, па после „Есенски музички свечености“ и словенечкиот „Лент“,концертот синоќа во Хераклеја , во магијата наречена „Танец и Влатко“ ќе уживат и посетителите на Античкиот театар во Охрид (на 29 јули).












