Комисијата избрана за доделување на годишната награда „Ацо Шопов“ на ДПМ за најдобра поетска збирка во 2022 година, во состав Зоран Анчевски (претседател), Мерсиха Исмајлоска и Славе Ѓорѓо Димоски (членови) ги разгледаа книгите од годинешната поетска продукција пристигнати на конкурсот и по подолга и образложена дискусија го сведоа својот избор на три поетски збирки:„Убавите жени“ од Зоран Пејковски, „Кадуцеј и лира“ од Сузана В. Спасовска ин„Позлатено распетие“ од Ивица Челиковиќ.
Членовите на комисијата и дадоа предност на книгата „Убавите жени“ од Зоран Пејковски.
„Низ целата книга се разлева топол лирски склад кој потсетува не само на класичното и на традиционалното, туку и на пеење што ги задоволува узусите на модерната поетика. Збирката е цврсто структурирана во четири поетски циклуси што взаемно се надополнуваат и надградуваат: „Икона на универзумот“, „Сѐ би било еднолично сиво“, „Последното чудо на светот“ и „Епилог на убавината и вистината“, се вели во образложението на комисијата.
„Убавите жени“ на Пејковски е стихозбирка со складен и затоа навидум лесен поетски израз што изобилува со богати поетски слики и метафори, како и со свежи звуковни и ритмички решенија. Поетот вешто ги избегнува замките на благуњавиот лиризам и сентиментализам што е постојана закана за ваков вид поезија и иако на моменти се приклонува кон нешто полесни, клишеизирани решенија, сепак општо земено, целата книга импонира со својата компактност, читливост и приемчивост.
Со доделувањето на наградата „Ацо Шопов“ за 2022 година на Зоран Пејковски и на неговата поетска книга „Убавите жени“, ДПМ се придружува кон прославата на 100-годишнината од раѓањето на истакнатиот македонски поет Ацо Шопов.












