ТЕРА

REKLAMA???

НАД 2000 ПОСЕТИТЕЛИ НА ОТВОРАЊЕТО НА БИТ ФЕСТ

  • Со голем огномет и концерт на Каролина Гочева беше отворено битолското културно лето Бит Фест. Над 2000 гости, синоќа го исполнија амфитеатарот на античкиот локалитет Хераклеја. Главен иницијатор за новиот содржински пристап во организација на БИТ ФЕСТ е градоначалникот  на општина Битола, Тони Коњановски, кој вчеравечер го означи почетокот на културното лето во Битола.

„До 31 август, неколкупати со музички настапи ќе ја исполниме Хераклеја, ќе бидеме заедно со повеќе концертни настапи во нашиот Офицерски дом, ќе овозможиме културно раздвижување на повеќе отворени сцени, а во соработка со националните институции од културата низ повеќе филмски проекции, театарски претстави, изложби и други културни настани, верувам дека ќе имаме навистина посебно Битолско културно лето, за кое сите ќе зборуваме со суперлативи, што очекувам да биде поттик за секој од нас, во секоја следна година да даде мал креативен влог кон неговиот раст, професионализам, идентитет – карактеристичен за Битола“, истакна Коњановски.

Од оваа година Бит фест со   нов концепт, кој ќе го привлече и задржи вниманието на публиката. 

Солстис, Битола отворен град, Битола Шекспир Фестивал, Илинденски денови, Локум фест, Фестивалот Браќа Манаки, Балкан Гала Фестивалот и гостувања на еминентни изведувачи, годинава се само дел од културните случувања на Бит Фест.

Каролина Гочева рече дека е среќна што после неколку години повторно се гледаат на едно од најубавите и најпосакуваните места за секој уметник, амфитеатарот во Хералјеа. Претходно таа тука имаше концерт во 2018 година.Таа е еден од најдобрите женски вокали во Македонија, успеа да внесе прекрасна двочасовна атмосфера низ нејзините големи хитови, меѓу кои „Да е сон“, „Од нас зависи“, „Кажи ми“, „За нас“, „Знаеш колку вредам“ и многу други, а на барање на публиката, со повторно враќање на бис, Каролина Гочева, концертот го заврши со песната „Кој да ми запее“.

Од 2001 година Битолското културно лето се одржува во организација на општината Битола во соработка со националните институции и поддршка од Министерството за култура, а од 2006 година, општината комплетно ја презема организацијата на Битолското културно лето со акроним БИТ ФЕСТ.

Оваа година се реализира во заедничка организација на општината и културно информативниот центар од Битола. Квалитетните содржини, кои за време на летниот период ќе се случуваат во Битола, најавуваат високо естетско издигнување на фестивалот, креативност, професионализам, негување на традицијата, но и грижа за културниот напредок на градот.

На отворањето на БИТ ФЕСТ 2022, присуствуваа голем број битолчани, но и гости од другите градови во државата. Меѓу присутните беа и Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, градоначалниците на неколку соседни општини, претседателката на Советот на општина Битола, Габриела Илиевска, членови на Советот на општината, како и претставници на националните институции од културата и јавните претпријатија од градот.