На 31 декември завршува старата година и започнува новата. Светот одбележува, народите – според навиките, обичаите и културата, но и според календарот.
Во Грегоријанскиот календар, новогодишната ноќ, позната и како Стара година, е вечерта или целиот ден од последниот ден од годината, 31 декември. Во многу земји, новогодишната ноќ често се слави со танцување, јадење, пиење и гледање или палење огномет. Некои на полноќ присуствуваат на богослужба, некои одат во кафеана, а прославите обично завршуваат после полноќ во денот на Нова Година, Први јануари.
Фактите говорат дкеа многу христијански собранија имаат богослужби на новогодишната ноќ – таква е и традицијата на Афроамериканците. Во Америка имаат традиција на богослужба насловена „Бдеење“ , „Стражарска ноќ “ или полноќна миса, на која се благодари за благословите на годината која заминува со молитва за божествена милост во следната година. За Афроамериканците има и етничко и расно значење – од 1 јануари 1863 година на сила стапила Прокламацијата за еманципација кога робовите ја добија својата слобода.
Во Ватикан, на 31 декември, Папата обично извршува свечена Вечерна богослужба со рецитал на „Те Деум“ во базиликата Свети Петар, a потоа пак се дружи со верниците од балкон, но не толку како на Божиќ и Велигден. Со христијанството, во Римокатоличката црква, лутеранските цркви и англиканската заедница, 1 јануари се одбележува како празник на обрезанието Христово,
Без разлика на религијата, прославата на доаѓањето на новата година на 31 декември е општо прифатена, како можност за забава и пренесување на добрата мисла, особено заради симболиката на почетокот. А без разлика на развиениот конзумеризам, децата, биле добри или лоши или во обид ( за добри ) – очекуваат подароци, големи и мали.
И за да тргне годината на арно, сите народи си имаат свое верување што треба да се почитува.
Во Венецуела, треба да имате жолти гаќи, да каснете од специјалниот леб со шунка, неакви бобинки и зелени маслинки и, со пенливо вино да изедете 12 зрна грозје (нема сакам-неќам, се работи за Латино традиција).
Во Уругвај, Нова година им е во лето. Во Стариот град Монтевидео, област каде што се концентрирани голем број деловни згради, вработените, пред крајот на последниот работен ден од годината, фрлаат искинати дневни книги и календари низ прозорците, создавајќи „дожд од хартија“. И по некоја кофа со вода се фрла од балконите. Во Меркадо дел Пуерто има улична забава со масовна „тепачка со јаболковина“ придружена со музика.
Новогодишната традиција во Еквадор е мажите да се облекуваат во жени, претставувајќи ги „вдовиците“ од изминатата година. Тие играат по улиците и бараат патарина од возачите да поминат.
За да се остварат желбите за следната година, треба да се визуелизираат, па , Чилеанците кои сакаат да патуваат шетаат по улиците со куфер во рака, други држат пари во рака или ставаат парички на вратата за среќа во новата година.
Ако сте во Бразил, не мора да сте во Рио или на Копакабана – сите ќе бидат. Да знаете дека традиција на новогодишната ноќ во Сао Паоло е друмската трка во Сент Силвестер, патека од 15. 0000 метри низ централната зона на градот. Се одржува секоја година од 1925 година, а нејзината рута вклучува неколку главни улици и знаменитости.
Во Аргентина, и таа земја на јужната хемисфера, со забава и огномет се пречекува Новата година. Граѓаните во Ла Плата имаат долга традиција на правење џиновски кукли, претежно од хартија и дрво, па ги палат на полноќ.
Мексиканците имаат традиција на хартија да си напишат листа на сите лоши настани во текот на годианта што изминува, па кога започнуваат ударите на часовникот што означуваат полноќ, го фрлаат списоков в оган. Овие на Нова година прават лепче со паричка, лепчето е благо, а тој што ја добива паричката…. – па знаете…, како кај нас.
Велшани, во Обединетото Кралство, имаат традиција на нова година да се шетаат од врата-на-врата и даруваат подароци и пари. Денес традицијата се променила и даваат леб и сирење. А во Јужен Велс, на планината Еш од 50-те години на минатиот век се одржува друмска трка- натпревар во трчање на 5 километри. Од оваа трка произлегле многу олимпијски тркачи на Велика Британија.
Во Германија, Финска, Австрија, Швајцарија, па и Турција, БиХ и Бугарија од оваа страна на Нова година си ја пробаат среќата во „Молибдоманција“ – техника на гатање со стопено олово, калај или восок. Вжештената маса се фрла во ледено студена вода, па различни експерти и експертки потоа ја толкуваат новосоздадената фигура.
Но, као и секое друго гатање што има потенцијално штетно влијание врз луѓето, така, во Македонија не се прави.
Македонија е една од ретките во светот која Нова година ја празнува два пати – еднаш со остатокот од светот, еднаш според Јулијанскиот календар, по старски.
Среќно !













