Најдобрите студенти коишто студираат на светските и домашните универзитети, добитниците на наградата „Инженерски прстен“ ќе имаат предност при вработување на државните универзитети.
Ова го најави министерката за образование Весна Јаневска.
„Споделувам убава вест за студентите што студираат со стипендија од државата на најдобрите 100 светски универзитети или, пак, студираат во Македонија и се добитници на „Инженерски прстен“ или се прогласени за најдобри студенти на Универзитетот. Тие ќе имаат предност при вработувањето на државните универзитети, како наставно-научен кадар“, најави министерката Јаневска.
Таа објасни дека кандидатите за доцент, вонреден и редовен професор ќе треба, во зависност од звањето, да објават меѓу шест и седум научни трудови. Мандатот на ректорите од три се зголемува на 4 години. Ова се дел од новините во трите закони за високо образование, кои треба да донесат поголем квалитет, објаснува министерката Јаневска и притоа додава:
„Ова е важно, затоа што светската статистика вели дека за еден универзитет да се најде меѓу најдобрите 1000 на Шангајската ранг листа, треба годишно да објавува најмалку 1200 трудови во списанија со импакт фактор. Нашите универзитети годишно објавуваат помеѓу 300 и 500 трудови и тоа мора да го промениме“ порача министерката Јаневска.
Два од предлог-законите се веќе објавени на националниот ЕНЕР систем, а законот за наука и за научно-истражувачка дејност ќе биде објавен деновиве.
Законите на ЕНЕР ќе останат 30 дена, а по две недели се очекува да има јавна расправа на универзитетите како и јавна расправа во Собранието.













