Над 35 300 единки од 44 различни видови на водни птици беа попишани за време на зимското пребројување на птици на трите природни езера во Македонија, што под водство на Македонското еколошко друштво се врши секој јануари од 2010 година наваму како дел од Меѓународниот зимски цензус на водни птици.
„Споредено со податоците од претходните пет години, популациите на птици на Дојранското Езеро, иако мали, се стабилни. На Преспанското Езеро се бележат флуктуации, додека промените на Охридското Езеро се најдинамични. Причините за овие промени ќе се утврдуваат откако ќе се разгледаат сите фактори што би можеле да влијаат на ваквите податоци и во контекст на пребројувањата од другите европски земји“, истакнува Данка Узунова, орнитолог и проектна координаторка во Македонското еколошко друштво.
Птиците се одличен биолошки индикатор за состојбата на живеалиштата кои ги населуваат и користат. Притоа, се користат стандардизирани методи за да можат научниците да ги следат долгорочните трендови на популациите и да детектираат промени поради губење на живеалишта, промена во водните режими, загадување и климатски промени.
„На овој начин се обезбедуваат цврсти докази кои треба да се земат предвид при креирањето на политиките и мерките за заштита. Вака собраните податоци се корисни и за клучните меѓународни рамки, како што се Рамсарската конвенција за влажни подрачја, Африканско-евроазискиот договор за водни птици (AEWA), директивата на ЕУ за заштита на дивите птици и глобалните индикатори за биодиверзитет, затоа што обезбедуваат една од најсилните долгорочни бази на податоци за биодиверзитет на глобално ниво и претставуваат суштински важен систем за рано предупредување за влошување на состојбата на водните живеалишта, а со тоа и на биодиверзитетот“, дополнува Узунова.
Овдешното зимско пребројување на птици се прави истовремено на целата територија на трите природни езера во сите држави, поради што во него учествуваат и соработници од Националниот парк „Галичица“, Паркот на природата „Езерани“, Друштвото за заштита и зачувување на природната средина од Албанија (PPNEA) и од Друштвото за заштита на Преспа (SPP) и Националниот парк „Езеро Керкини“ од Грција. МЕД ја координира акцијата на македонската страна, ги обработува собраните податоци и ги советува и насочува волонтерите во броењето на птици.
Зимското пребројување во земјава е дел од Меѓународниот зимски цензус на водни птици којшто се случува полни 60 години, со што се вбројува меѓу најголемите и најдолго спроведуваните програми за граѓанска наука во светот.















