ТЕРА

REKLAMA???

НА СВЕЧЕНОТО ОТВОРАЊЕ СЕ ПРЕМОЛЧИЈА ЅВЕЗДИТЕ НА ШИРОК СОКАК

Синоќа беше свеченото отворање на 45-то издание на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“. Пред присутните се обратија директорот на фестивалот, градоначалникот на Битола и претседателот на Друштвото на филмски работници.

Зборуваа за значењето на фестивалот, за меѓународната важност и за потребата од поголемо вложување во филмската индистрија.

Но, никој од нив не ги спомена поставените ѕвезди на Широк Сокак, кои како што велат од фестивалот, се во чест на досегашните лауреати, а беа најавувани како уникатен пример на пошироките простори, како оддолжување кон нивниот придонес во кинематографијата и дека Битола ќе добие патека на славните.

Изминативе денови оваа тема ја разбранува јавноста, политичарите и институциите околу тоа кој и дали дозволил таква интервенција на Широк сокак, кој е споменик на културата.

Како што веќе објавивме во одговорот до Тера телевизија од Управата за заштита на културното наследство од 19 септември оваа година, стои дека до Управата не било доставено барање за отстранување и поставување на нови плочки со ѕвезди на лауреатите на фестивалот „Браќа Манаки“, ниту од Општина Битола, ниту од организаторот на фестивалот.

„За било каква интервенција, односно нарушување на интегритетот на заштитеното добро, во овој случај Широк Сокак, потребно е одобрение од УЗКН“ стои во одговорот од оваа институција.

Инаку покровителот на фестивалот претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, која е во САД, имаше снимено видео обраќање преку кое го прогласи фестивалот за отворен. Ги спомена и ѕвездите, а рече дека едни и единствени се браќата Манаки.

Премиерот Христијан Мицкоски кој беше присутен на свеченото отворање ја додели наградата Златна камера 300 за животно дело на францускиот кинематографер Бруно Делбонел.

Фото: ИФФК „Браќа Манаки“