Независниот синдикат на полицијата (НСП) денес организираше мирен марш што започна од пред Основното јавно обвинителство по Широк Сокак до плоштадот „Магнолија“ во Битола. Од Синдикатот побараа неселективен пристап, доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела и враќање на достоинството на полицијата.


„Целта на маршот е да се актуелизира прашањето за еднакво владеење на правото и да се испрати јасна порака дека законите мора да важат подеднакво за сите, без разлика дали станува збор за полицајци, граѓани или институции и враќање на достоинството на полицијата. Повод за маршот се последните јавни изјави и настани во Битола, во кои поединци јавно се закануваа со насилство кон полициски службеници доколку тие ги спроведуваат законите“ велат од Независниот синдикат на полицијата и притоа нагласија дека маршот не е насочен против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку претставува апел за крај на, како што велат, двојните аршини во постапувањето на институциите и враќање на чувството на правда.

Од НСП побараа еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, прекин на селективната правда и определување притвор за сторителите во случаи на сериозни закани.


Дополнително, Синдикатот бара и итна измена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, односно враќање на поранешната глоба од 1.000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните казни од 50 до 150 евра.

















