Директорот на Студентскиот дом ,,Кочо Рацин“ во Битола Љупчо Маркоски сподели видео од богатата историја на Државниот Студентски дом што го привлече вниманието на битолската јавност.
Во изјава за Телевизија Тера вели дека негова пасија му е историјата, а по неговото назначување за директор на домот се посвети на истражувањето на минатото на овој комплекс.
„Открив дека станува збор за една од ретките сочувани воени отомански болници на Балканот чие значење досега не беше доволно истакнато. Од нејзината изградба во 1885 година како отоманска воена болница, оваа градба била центар на светската медицина во регионот. По налог на султанот Абдул Хамид II, тука на специфичен начин бил инсталиран еден од првите рендген апарати во овој дел од Европа, веднаш по откривањето на овие зраци, а во овие простории се лекувал и големиот реформатор Мустафа Кемал Ататурк- вели директорот на Студентскиот дом ,,Кочо Рацин“ Љупчо Маркоски.

Тој додава дека за време на Балканските војни и Првата светска војна, објектот ја менувал својата управа во зависност од успесите на фронтовите, па така низ него поминале француската и српската армија, како и бројни меѓународни мисии вклучувајќи го и американскиот Црвен крст.

„Континуитетот како воена болница продолжува и за време на Кралството СХС, како и во текот на Втората светска војна. По војните, кога светот се соочувал со бранови на бактериски инфекции, објектот добива пренамена во ТБЦ санаториум. Дури во седумдесетите години на минатиот век, со развојот на високото образование и отворањето на новите факултети во Битола, тогашните власти препознале дека единствено капацитетот на старата воена болница може да одговори на потребите за сместување на младите интелигенти- вели Маркоски и притоа додава дека од тогаш павиљоните ја добиваат својата денешна дејност и се трансформираат во студентски дом.
„Сметам дека е наша обврска да ја подигнеме свеста за културно-историското богатство со кое располагаме. За мене е привилегија што раководам со институција со ваков легат, каде што секојдневно ја спојуваме нејзината денешна благородна мисија за грижа на студентите со почитта кон нејзината импозантна историја“- заклучува Маркоски.












