Во Мостар, Босна и Херцеговина, во име на Владата на Република Македонија, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски положи цвеќе на спомен обележјето на несреќата кај Ротимље, на државничка церемонија по повод навршувањето на 19 години од трагичната смрт на македонскиот претседател Борис Трајковски и делегацијата којашто го придружуваше.

Во име на Босна и Херцеговина пред спомен обележјето почит оддадоа и министерот за сигурност на Босна и Херцеговина Ненад Нешиќ, како и високи претставници на Претседателството на Босна и Херцеговина, претставници на Кабинетите на претседавачот на г-а Цвијановиќ и господата Комшиќ и Беќировиќ.
Во име на Владата на Македонија, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски имаше пригодно обраќање во чест и спомен на вториот македонски претседател Борис Трајковски.

„Тој и по 19 години останува запаметен како доблесен и мудар државник, кој во еден важен транзициски период, кога се соочивме со тешки одлуки, успеа да го зачува мирот во земјата и во регионот, да ги зацврсти меѓуетничките односи, да биде посветен на демократските идеали и на евроатланската ориентација, како вистински визионер”, рече министерот Спасовски.
На крајот од своето обраќање министерот Спасовски упати благодарност до братска Босна и Херцеговина за организацијата на државничката церемонија, до раководството на Град Мостар и Општина Столац за континуитетот во оддавање почест по повод одбележувањето на смртта на претседателот Трајковски.

19-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски беше одбележана во Скопје, во Алејата на великаните во Бутел. На вечното почивалиште на загинатиот претседател Трајковски, положи цвеќе и оддаде почит владина делегација, во состав: Славица Грковска, заменичка на претседателот на Владата на Македонија, задолжена за политики на добро владеење, Ристо Пенов, министер за локална самоуправа и Беким Реџепи, заменик на министерот за транспорт и врски.

Цвеќе положија и оддадоа почит прво сопругата на загинатиот претседател Борис Трајковски, Вилма Трајковска, а потоа и други делегации: делегација од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, предводена од претседателот на државата, Стево Пендаровски; делегација од Собранието на Република Македонија, предводена од потпретседателот на Парламентот, Горан Мисовски и составена од пратеници од владеачкото мнозинство и од опозицијата во Собранието.

Владина делегација оддаде почит кон загинатиот претседател Борис Трајковски и во Струмица. На споменикот на поранешниот претседател Трајковски во неговиот роден град, цвеќе положија министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и Борче Хаџиев, директор на Бирото за јавни набавки.


Премиерот Димитар Ковачевски на својот фејзбук профил напиша.
„Претседателот Борис Трајковски беше проевропски претседател кој го посвети својот живот на напредокот и просперитетот на нашата земја. Ќе остане запаметен како вистински државник, а неговите заложби за соживот, мир и меѓународна интеграција на државата, се и денес пример за храбро и мудро лидерство. Кога се навршуваат 19 години од авионската несреќа во која трагично ги загубија животите претседателот Борис Трајковски, членовите на неговиот кабинет и екипажот на авионот, нека неговото наследство продолжи да нè инспирира, а неговиот спомен никогаш да не биде заборавен“ вели Ковачевски.
Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на својот Фејзбук профил напиша.
„ 9 годишнината од трагичната смрт на Претседателот Трајковски. Да си спомнеме за човекот кој и се посвети на нашата држава. Човек со визија и замисла за тоа каква Македонија треба да имаме. 19 години подоцна, истите предизвици и нашата борба за иднината. Ќе успееме затоа што веруваме во Македонија! Слава му!“ напиша Мицкоски.












