Министерот за локална самоуправа Златко Перински во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 рече дека од денеска почнува евалуацијата на проектите на општините за распределба на сто милиони евра, чиј рок за доставување истче вчера.
Министерството за локална самоуправа објави јавен повик за распределба на сто милиони евра за оваа намена. Проектите се доставуваа до шест ресорни министерства – за култура и туризам, за транспорт, социјална политика, образование, животна средина и за спорт.
-Тој процес очекуваме да не трае подолго од седум до десет дена. Тоа значи дека кон средината на следната недела ние треба да имаме спремен извештај од ресорните министерства – кои проекти во нивниот ресор ќе се финансираат. Сакаме дел од овие средства колку што е можно побрзо да им ги направиме достапни на општините за да можат да ги ефектуираат и оваа година. Имаме општини каде зимата доаѓа многу побрзо од останатите, рече Перински.
Според министерот, ако извештаите бидат готови до средината на следната недела, веднаш ќе бидат ставени на владина седница за да се донесе конечна одлука.












