ТЕРА

REKLAMA???

ОД ЈАВНИ ТОАЛЕТИ ДО МИЛИОНСКИ ПЛАНОВИ- ЗА ШТО ЌЕ РАСПРАВААТ СОВЕТНИЦИТЕ В ПЕТОК?

Од завршни сметки на училиштата и нова организација на општинската администрација, до закуп на општински простори, зонско паркирање, јавни тоалети и нови членови во надзорните одбори….Пред советниците на Општина Битола на 21 август ќе се најдат 59 точки.
Советот на Општина Битола в петок ќе ја одржи својата 15-та седница, на која пред советниците ќе се најдат обемни материјали што опфаќаат голем дел од секојдневното функционирање на општината – од образование и урбанизам, до располагање со општински имот, паркирањето, јавните претпријатија и кадровски решенија.
На дневен ред се годишните извештаи и програми за работа на повеќе основни училишта, како и завршната сметка на СОЕУ „Јане Сандански“. Традиционално, советниците треба да дадат “амин” за формирање паралелки со помал број ученици во основните и средните училишта во Битола за учебната 2026/2027 година.
Советниците ќе расправаат и за измени на Програмата за развојни планови на Општина Битола и на програмата за финансирање и изработка на урбанистички планови за 2026 година. На дневен ред е и Стратегијата за воспоставување интегриран локален систем за поддршка на женското претприемништво.
Една од позначајните точки е и новата одлука за организацијата, делокругот и начинот на извршување на задачите на општинската администрација, со која се уредува организацијата на општинската управа.
Дел од точките се однесуваат на општинскиот имот. Пред советниците се повеќе одлуки за давање деловни простори и стан во закуп, но и простор без надоместок за здружение на родители на деца со посебни потреби и за ФК „Баир спорт“. На дневен ред е и одлуката за реализација на паркинг простор за товарни возила во „Урбана четврт 17“.
Седницата носи и повеќе одлуки поврзани со јавниот простор и услугите. Меѓу нив се предлогот за воведување зонско паркирање на улицата „Рокдајл“, отстапувањето на стопанисувањето со јавните тоалети, како и измената на ценовникот на КЈП „Нискоградба“ за санација на гранитните плочки на „Широк Сокак“ и во Старата чаршија.
Предвидено е да се разгледаат и повеќе донации и отстапувања на движни и недвижни ствари, како и согласности за проекти поврзани со урбанизмот, енергетската ефикасност и локалните иницијативи.
На крајот од дневниот ред се и кадровски решенија – именувања на членови во надзорните одбори на ЈКП „Водовод“, КЈП „Нискоградба“ и ЈП за урбанистичко планирање, проектирање и инженеринг, како и именувања во Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот, Локалниот совет за превенција и Комисијата за проценка штети од елементарни непогоди.
Иако на прв поглед најголемиот дел од дневниот ред изгледа како редовна агенда на Советот, материјалите отвораат повеќе прашања за начинот на кој Општина Битола располага со својот имот, како се формираат и менуваат цените на општинските услуги, што се планира со урбанистичкиот развој, но и како се организира и кадровски екипира локалната администрација.
Токму тие детали ќе бидат предмет на посебна анализа пред и по седницата.